Пратеници од редовите на СДСМ, ДУИ, Беса и на Алијанса предлагаат да се распише оглас за избор на нови претседател, потпретседател и пет члена на Државната изборна комисија (ДИК), со оглед на тоа што мандатот на сегашниот состав истекува за еден месец, а оваа Предлог одлука е ставена како точка на дневен ред на за денеска закажаната 29. собраниска седница.
„Имајќи ја предвид Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес мандатот на постојнит состав на ДИК е пред истекување. Од овие причини Собранието треба да огласи извор за нови претседател, потпретседател и пет члена на Комисијата поради што предлагаме Собранието да ја донесе оваа одлука“, стои во барањето поднесено од координаторите на пратеничките групи на владејачките СДСМ и ДУИ, како и од Кастриот Реџепи од Беса и Атнан Незири од опозициската Алијанса за Албанците.
Огласот за избор на нов состав на ДИК би се реализирал според важечките правила во Изборниот законик, со оглед на тоа што досега не се извршени измени и не е донесен нов. Неодамна во Министерството за правда беше формирана работна група која треба да работи на измени на Изборниот законик. За избор на членови на ДИК е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.