Коп со нова остра порака: „Најголеми последици ќе има по македонските граѓани преку воведување визен режим и други ограничувања кои се однесуваат на заробени држави“

од Nikola Popovski
916 прегледи

Острата порака од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп до лидерот на ДУИ, Али Ахмети се смета за една од најдиректните во историјата на земјата од страна на еден дипломат. Според амбасадорот, неприфатливо е да има политичко влијание врз претседателот на Врховниот суд и тоа ќе наиде на силна реакција од Холандија. Коп му посочил на Ахмети дека во изминативе две години има постојан пад на владеењето на правото и оти во ризик е доведена посветеноста на земјава за членство во Европската унија.

Може ли да се стравува од ново вето, овој пат од Холандија?

Одамна е прелиена чашата, пораките веќе требаше да бидат сфатени, сметаат експертите со кои поразговара „Локално“. Универзитетскиот професор Борче Давитковски има впечаток дека нашите политичари воопшто не ги засегаат ваквите сериозни забелешки од страна на претставниците на дипломатскиот кор на земјите од ЕУ и САД. Вели дека после ќе се чудат зошто ќе бидат ставени на разни црни листи или кога ќе немаат пристап до земјите на ЕУ или САД, дури и во нивните дипломатски претставништва во државава.

 

Борче Давитковски

-За жал, најголеми последици ќе има по македонските граѓани во смисла на воведување визен режим и други ограничувања кои се однесуваат на заробени држави, истакнува Давитковски.

Професорот потсетува дека вчера, освен холандскиот, и амбасадорот на ЕУ, изразил голема загриженост за состојбите во судството и за партизирана институции на извршната власт.

-Холандија ја запре паричната помош за судските институции и најверојатно доколку почнеме со преговори ќе стават сериозни забелешки, а можеби и вето во поглед на Поглавјата 23 и 24, пред се владеење на правото и заробени институции, предупредува Давитковски.

„Контекстот е поширок, пораката не е само кон ДУИ“

Новинарот и поранешниот член на Комисијата за лустрација, Даут Даути не верува дека би било воведено вето од Холандија.

-Не сме стасани до таму, прво треба да се преброди пречката Бугарија, па потоа да сме на чисто околу исполнувањето на критериумите на ЕУ, бидејќи често зад овие критериуми се кријат другите пречки. Што се однесува до пораките за Али Ахмети, јас не би ја читал таа како адресирана лично до него, туку воопшто за состојбите во судството, за кое патем кажано, од поодамна ДУИ се залага за ветинг. И за политичкото влијание врз судството не може критиките да бидат упатени само кон еден субјект, бидејќи политичко влијание, дури и подрастично и поагресивно сме имале во други состави на власта и кога било и кога не било ДУИ дел од неа. А ДУИ, секогаш бил помалиот дел од власта, објаснува Даути за „Локално“.

Смета дека изјавата на Коп е упатена кон сите, тврдејќи дека контекстот е поширок, бидејќи ДУИ е само дел од власта.

Даут Даути

Даути потенцира дека и Ахмети треба да биде загрижен, но пред се сите, од премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски, до лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и други претенденти за власт, бидејќи, како што објаснува соговорникот, „основаните критики за владеењето на правото кога доаѓаат од оние од кои зависи нашиот пат до ЕУ, па дури и тогаш кога гледаме дека тоа ЕУ знае да ни го загорчи животот поради хирови на некој наш сосед, треба да се сфатат сериозно“.

-Холандија е една респектирана членка на ЕУ која може да ни држи лекции за многу нешта и за владеење на правото, како што може да ни држи лекција и по прашања кои ги кршат нашите традиционални вредности инсистирајќи на нешта кои за нашиот балкански христијанско-исламски менталитет се несфатливи. Но како и да е, што се однесува до забелешките за падот на владеењето на правото, како земја треба да сфатиме дека некои состојби треба да ги надминеме на начин како тоа е направено во ЕУ. Иронично, ако амбасадорот на кралството Холандија го лоцирал проблемот во последните две години, тоа е период кога пропадна СЈО, еден модел кој беше по инсистирање токму на ЕУ и како што наведе една наша телевизија, проект на Холандија. И без овие две години, СЈО од моментот кога се стави себеси над системот, мораше да колабира, па можеби сега имаме извесна празнина и конфузија, пропратено и со други влијанија врз обвинителството и судството, констатира Даути.

Според него, неправедно  да се издвои само еден, бидејќи сите придонеле, како во минатото, така и сега, а токму од нив зависи дали ќе создадат оптимални услови некогаш да имаме вистинско владеење на правото.

-Реформи се секако преку потребни, такви што секоја власт ќе се држи подалеку од судството. Тука не треба да измислиме топла вода, туку да примениме некој од успешните модели од земјите кои ги изодиле патот до независно судство, ни рече Даути.

-Ние не можеме да постигнеме европски стандард во владеењето на правото, без почеток на преговорите, вака шефот на дипломатијата, Бујар Османи, одговори на критиките на холандскиот амбасадор. Додаде дека тие двајца имаат две концептуални разлики, но смета дека решението е кај нас самите и не треба да има блокади од опозицијата.

За премиерот Ковачевски, ставот на холандскиот амбасадор Коп за правосудниот систем е во ред, но, смета дека доколку било кој бил под притисок од политичари, тоа треба да го пријави и да се каже со име и презиме. Шефот на Владата додаде дека никогаш не ја запознал претседателката на Врховниот суд во својата дејност бидејќи, вели, судската и извршната власт се одвоени.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјавата на холандскиот амбасадор во земјава е само потврда на она што подолго време го зборува партијата, дека судството е партизирано и опструирано. Мицкоски додаде дека во судовите се избираат партиски кадри за да може, како што вели, да се заштити криминалот на власта.

Ова не е прва сериозна критика на холандскиот амбасадор. Тој лани во октомври порача дека само се трупаат изговори, додека реформите каскаат во место и дека се е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот.

-Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека Европската Унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?, праша Јан Коп, потенцирајќи дека сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ.

Н.П.

Слични содржини