КОП28: Како да се заштити здравјето на луѓето од последиците на климатските промени?

од Stefanija Kuzmanovska

На климатскиот самит КОП28 во Дубаи, за првпат фокусот е на тоа како климатските промени го влошуваат здравјето на населението, вклучително топлотен удар, оштетување на белите дробови од чад од шумски пожари и ширење на болести кои ги пренесуваат комарци во нови региони поради порастот на температурата.

Се очекува на самитот да се разговара за начините за заштита на здравјето на луѓето од ефектите на климатските промени.

Експертите очекуваат дека од 2030 година, само четири последици од климатските промени – неухранетост, маларија, дијареја и топлотен удар – ќе го зголемат бројот на смртни случаи во светот за 250.000 годишно, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО).

– Екстремните временски настани стануваат екстремни здравствени проблеми, рече Мартин Едлунд, извршен директор на глобалната здравствена непрофитна организација „Маларија не повеќе“ (Malaria No More). Комарците, кои пренесуваат вируси, вклучително и денга, маларија и вирусот Западен Нил, се селат во нови делови од светот каде температурите се зголемуваат поради климатските промени.

Пријавените случаи на денга треската се зголемија од околу половина милион во 2000 година на повеќе од пет милиони во 2019 година, според СЗО. Само оваа година, бројот на случаи во Бразил е за 73 отсто поголем од петгодишниот просек, рече Едлунд.

Тој истакна дека Бангладеш е погоден од најголемата епидемија на вирусот денга досега. Пет милиони повеќе случаи на маларија се регистрирани во 2022 година отколку во 2021 година, достигнувајќи вкупно 249 милиони, според податоци на СЗО.

Во Пакистан минатата година бројот на случаи на маларија се зголеми за 400 отсто.

Две нови вакцини против маларија се очекува да бидат достапни следната година. Бурите и поплавите предизвикани од климатските промени доведуваат до зголемување на други заразни болести кои се пренесуваат преку вода, како што е колера.

Во текот на деценијата што почна во 2010 година, повеќе од две милијарди луѓе беа изложени на чад од шумски пожари најмалку еден ден годишно, според една септемвриска студија во списанието „Природа“ (Nature). Тоа беше за 6,8 отсто повеќе во споредба со претходната деценија. Во Америка, според американските лекари, годишно умираат меѓу 4.000 и 28.000 луѓе поради загадувањето на воздухот од шумски пожари.

Слични содржини