Копман му се заблагодари на Ковачевски: Планот за раст може да го промени Западен Балкан

од Nikola Popovski
391 прегледи

Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија Герт Јан Копман оцени дека Планот за раст на Западен Балкан и формирањето регионален пазар, може да биде нешто што целосно ќе го промени овој регион.

Преку платформата „Х“, Копман му се заблагодари на премиерот Димитар Ковачевски за вчерашниот самит на Планот за раст на Западен Балкан што се одржа во Скопје.

„Планот за раст со пазарот на ЕУ и регионалната пазарна димензија може да биде нешто што целосно ќе го промени овој регион“, објави Копман.

На 8 ноември 2023 година, Европската комисија го усвои новиот План за раст на Западен Балкан, со кој на земјите од регионот ќе им биде дадена можност да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат нејзини членки, со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социоекономската конвергенција. Исто така, донесена е и Регулатива за воспоставување Финансиски инструмент за реформи и раст на Западен Балкан, преку кој ќе се ефектуира финансиската поддршка во износ од 6 милијарди евра, којашто е дел од овој план. Целта е да се поддржат земјите кандидати за членство или аспиранти за кандидатски статус да ги забрзаат реформите и да се зголеми нивниот економски потенцијал со цел побрз напредок во евроинтеграцискиот процес.

Слични содржини