Кордалов: Поради делење и таборизирање сме доведени буквално пред пропаст!

од Берта Китинска
1,K прегледи

„Овој фашистов прокламира пристилна вакцинација“..„Ај бе баталете го, овој за доктор учел или за медиумски рибник?“… „Да ти се плукнам во дипломата“…„Науката вели дека доктор што повторува се што ќе кажат од СЗО не е доктор туку е папагал во бел мантил“…„Цела влада , парламент и сите паметни лекари“. …се дел од коменатрите кој најчесто може да се прочитаат под објавените медицински мислења на македонските здравствени работници поврзани за панденијата со ковид.

Кој било човек не смее да биде мета на напади и коментари полни со омраза, дискриминација и навреди. Но, истовремено значи дека ако влегувате во јавна дебата дека треба да бидете подготвени да се соочите со мислење кое не е идентично со вашето, вели во разговор за „Локално“, м-р Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

Според него секој има право на став и мислење и никој никому не смее да му бара доказ за „компетентност“ за искажаното мислење на социјалните медиуми или каде било на друго место.

-Но, во исто време, границата или црвената линија мора да биде дискриминацискиот говор, омразата, навредата… И ова се две подеднакво важни уставни категории на кои мора да се навратиме и да ги поставиме повторно во центарот. Велам мора, барем доколку сакаме да изградиме инклузивно и здраво демократско општество, посочува специјалистот за односи со јавност.

Колкаво е нивото на јавна свесност кај нас за тоа колку е важно медицинските лица да работат ослободени од притисоците на вербалните и физичките закани?

-На почеток чувствувам обврска да потенцирам дека секој напад над медицинските лица или кое било друго службено лице е попречување во вршење на професиите кои се од општ интерес за сите нас. Во исто време, треба да констатираме дека овие настани се поединечни и сите тие имаат сторители со конкретно име и презиме, што јасно укажува на тоа дека свеста кај огромното мнозинство наши сограѓани е доволно висока дека ваквите случаи со вербални и физички закани се недозволиви и само дополнително ги отежнуваат здравствените и други јавни услуги.Како човек и комуниколог сметам дека свеста кај граѓаните е доволно развиена и висока, но за жал политичарите и носителите на власта не се на нивото на задачата. Се служат со говор на омраза, наратив кон поттикнува раздори, ги двои и таборизира луѓето… Сето ова за жал брзо нѐ води кон вакви состојби кои ги гледаме и се случуваат, односно избиваат таму каде најмалку треба, правејќи често штета која за да се надмине ќе треба да пројдат години, па дури и децении.

Заканите и навредите во живо се само еден сегмент. Постои и друга тактика со која се напаѓаат медицинските мислења на професори по медицина и на доктори, а тоа е на социјалните мрежи. Постои ли начин како може да се влијае за да се намали омразата, заканите, навредите на социјалните медиуми?

– Сметам дека најпрво е клучно да раздвоиме мислење од напад. Особено на социјалните медиуми кои постојат за да на нив се одвива дебата базирани на исти, слични, но и различни мислења. Тоа во никој случај не значи дека кој било човек смее да биде мета на напади и коментари полни со омраза, дискриминација и навреди. Но, истовремени значи дека ако влегувате во јавна дебата дека треба да бидете подготвени да се соочите со мислење кое не е идентично со вашето. И тоа од различни луѓе, од различни професии, често и без допирна точка со вашата експертиза. Потенцирам дека изборот е на секој од нас: дали сакаме да дебатираме само во нашите стручни и научни кругови или сакаме тоа да го правиме во јавниот простор каде доминантни се традиционалните медиуми, како и социјалните мрежи.

Поедноставувам, секој има право на став и мислење и никој никому не смее да бара доказ за „компетентност“ за искажано мислење на социјалните медиуми или каде било на друго место. Но, во исто време, границата или црвената линија мора да биде дискриминацискиот говор, омразата, навредата… И ова се две подеднакво важни уставни категории на кои мора да се навратиме и да ги поставиме повторно во центарот. Велам мора, барем доколку сакаме да изградиме инклузивно и здраво демократско општество.

Како да се спречи ова, би дал две важни препораки за почеток: Прво, ПР тимовите во секоја јавна институција конечно да стекнат вештини и да применуваат модерациски политики на отстранување на секој коментар кој содржи навреди кон некого, дискриминира или повикува на омраза кон поединец или група. На овој начин интернет просторот повторно ќе го освојат луѓето кои сакаат да дебатираат на општествено-политички теми, а кои сами решиле да се тргнат настрана бидејќи не сакаат да бидат дел од таква дебата. Уште еден совет, а тоа е ПР тимовите да не ги бришат коментарите кои се оценети како неповолни за јавниот функционер/ка, ако притоа немаат никаква навреда, омраза или дискриминација во себе. Бидејќи тоа води кон цензура и форсирање на принцип на политичка послушност, клиентелизам и го кочат развојот на демократијата во целина.

Второ, секој кој е на некоја јавна функција, макар тоа било и стручна Комисија и слично, а се финансира со државни пари, мора да разбере дека нема право да не знае како се комуницира со граѓаните, уште помалку има право да вика, да се кавга со новинари или било кој граѓанин или граѓанка. Едноставно, подигањето на јавната свест е макотрпен процес. Бара многу трпение, вложување и вештини од страна на професионалци во јавните институции. Тоа значи ги бара и вистинските луѓе кои не е доволно само да се стручни, туку мора да знаат и како тоа свое знаење да го применат и пренесат. Ова е 21 век, комуникацијата е клучна и не е ексклузивна!

Ако ковидкризата досега не ни испрати порака дека секој човек, секоја личност е подеднакво важна во општеството, дека нема поделби на мои и твои, подобни и неподобни грани и граѓанки, тогаш можеме да ја загубиме и демократијата и слободата. Поради делење и таборизирање сме доведени буквално пред пропаст!

Потенцирам, вината, а со тоа и решението е кај политичарите и јавните функционери на централно и локално ниво. Зборувавме и со што итно треба да започнат.

Сметате дека искажаните навреди може да доведат до опасност да нашите експерти од изнесените мислења едноставно да замолчат?

– Секако дека создавањето на клима во која доминираат нападите (било вербални или физички), стигматизацијата или омразата очекувано е да ги оддалечат или пасивизираат стручните, но и сите разумни луѓе од јавното и објективното говорење на теми за кои имаат експертиза или знаење.Но, она што истовремено ме загрижува е и фактот што дел од стручните луѓе или експерти во свои области свесно избираат да бидат многу тивки, а понекогаш и гласни поради тоа што се поврзуваат клиентичистички со централната или локалната власт. Затоа често гледаме ситуации во кои тие своите интереси ги ставаат пред својата титула и пред науката. Секако, почит кон многуте кои се надвор од оваа „шема“ и за кои е неважно кој е на власт или кој го поставува прашањето, туку се држат до сопствената компетентност, знаење и стручност.

Ако се цензурираме или автоцензурираме и понатаму од ситни интереси, ќе расте и недовербата во институциите, довербата во теориите на заговор и лажните вести. А, тоа не води никаде. Освен ако некој од нас не мисли дека се движиме како земја во добра насока сите овие изминати 30 години…

Според вашето искуство дали нашите институции навремено реагираат и казнуваат во случај на ваков тип на кривично дело?

– Мислам дека институциите се борат со ваквите дела во согласност со капацитетите кои им се оставени, кадровската екипираност и вештините кои вработените таму ги имаат. Но, повторно одговорноста за подобрување главно лежи во креаторите на политики во Македонија кои е неопходно да стават приоритет на ваквите теми. Бидејќи ова се човечки теми кои се важни за секој од нас. Скандалите како оној со групата „Јавна соба“ на платформата Телеграм го засега секој човек, не само оние кои се засегнати. Или, пак, ако некој користи говор на омраза за одредена етничка или на пример сексуална група ја засега целата заедница, без исклучок. Бидејќи ако во моментот тоа не изгледа така, луѓе кои прават вакви дела кон некого, прашање на време е доколку не бидат спречени, кога ќе го прават истото и кон сите други поединци и групи.

Истовремено, би сакал да потенцирам дека казните се неопходни, но сè додека ставаме фокус на казните, а не на подигањето на свеста и превенцијата, нема да направиме општество што е инклузивно. Важни се казните, но тие се последната инстанца, кога нема што повеќе да се преземе во поединечен случај. Тие служат и да замислат други пред да направат такво дело.

Ние често кога нешто негативно се случува велиме „треба да се казнува повеќе и посилно“. Меѓутоа, мора да бидеме свесни дека колку повеќе вложуваме во превенција, ако работиме со младите од најмала возраст на овие теми, ако се трудиме да создадеме емпатично општество, во иднина всушност нема да имаме кого да казнуваме.

Информациите за пандемијата со коронавирусот се прифаќаат со голема недоверба. Според вас која е причината за таа недоверба што се уште трае и дали е таа резултат само на лажните вести?

– Непредвидливоста, нетрпеливоста да дојде крајот на пандемијата, како и поради честото менување на ставови.

Непредвидливоста се решава со поставување на референтни бројки од страна на епидемиолозите и другите стручни за тоа во колкава инциденца или хоспитализации / смртни случаи какви мерки АВТОМАТСКИ ќе стапат на сила. Ова е најдобриот и најдолгорочниот начин да ги вклучиме сите луѓе и заеднички да се бориме против Ковид-19, болест која всушност е и заеднички непријател на сите.

Нетрпеливоста да дојде крајот се решава со многу повеќе емпатија во комуникацијата, оставање граѓаните сами да (не)преземат ризик и поставување на референтни точки и динамика како ќе излегуваме од рестрикциите и стравот кој со себе го носи оваа пандемија.

Честото менување на ставови, особено од надлежните се решава на ист начин како и претходните два проблема. Но, тука е неопходно да се тргнат методите за притисок кои не се базираат на наука, бидејќи тие дополнително ги поттикнуваат теориите на заговор, лажните вести и дезинформациите бидејќи исто така ги таборизираат луѓето, вкопувајќи ги во своите ровови. А, штом некој се „вкопува“ во ров, значи следно дека е спремен на битка, кавга и сѐ останато против кое се бориме, а зборуваме во овој разговор.

Како ја оценувате состојбата во Македонија во однос на информирањето за коронавирусот?

-На почетокот, во првите неколку месеци, одлично. Но, како што минува времето, има многу пропусти во комуникацискиот систем. Ова е криза, а секоја криза бара знаење и вештини за кризна комуникација кои во нашиот случај недоволно се покажаа.

Последните неколку месеци истакнаа дека најголем предизвик станува начинот на кој комуницираме со граѓаните во оваа пандемија. Всушност, начинот на комуникација е и најголемиот предизвик за Македонија и за светот во целина.

И после цели 2 години немаме предвидливост на мерките, туку дискрециони одлучувања за мерки кои се често базирани на страв, паника и притисок нешто да (не) се преземе. За жал уште не е ни во план изработка на дигитална ковид апликација каде медиумите, но и секој граѓанин во реално време ќе може да ги отвори и добие сите посакувани податоци поврзани со Ковид-19.

Ова се две, но основни работи кои за мене остануваат непознаница зошто не се преземаат, а се од огромна важност за правилна кризна комуникација, што е клучна за осојузување на институциите со граѓаните, односно за побрзо заедничко справување со пандемијата.

Потребно ни е лидерство и автентичен македонски комуникациски модел во справување со ковид-кризата. Имаме капацитети, имаме луѓе, но повторно се чека на лидерство, гласни експерти од сите области и секако, ставање само на науката во прв план.

Б.М.

Слични содржини