Кордалов за „Локално“: Ќе сведочиме на бескрупулозна изборна кампања, овие избори по многу параметри ќе бидат историски за македонската политичка сцена

По сите трагедии кои се случија во земјата, крајно е време партиите од сите страни да застанат обединети и да почнат да работат заедно со граѓаните и експертите на изградба на систем кој ќе не извади од децениската негрижа, вели Кордалов за предизборната борба

од Nikola Popovski
52 прегледи Фото: Кристијан Георгиевски

Предизборните програми ги прават последните корекции. Додека партиите и кандидатите за градоначалници ги токмат новите ветувања, политичката реторика се вжештува. „Крвави лица и фотомонтажи“, хибридна војна, центри на моќ…се само дел од досегашната неофицијално почната предизборна кампања. Се поставува прашањето што допрва не очекува ако ваква е сегашната предизборна борба и војната на информации?

За дел од експертите, сведочиме на еден нов период на водење на кампањи. Според комуникологот Бојан Кордалов, предизборната битка во дигиталната ера никогаш не завршува, туку таа постојано трае. Истакнува дека повеќе не можеме да зборуваме за традиционален период на водење на кампања, туку, социјалните медиуми и другите дигитални платформи постојано, меѓу другото, се користат и за партиски промотивни активности.

-Ако на ова додадеме и дека овие канали според партиите претставуваат „неофицијално место“, тогаш не случајно онлајн сведочиме на многу црна кампања, војна со (дез)информации и не бирање често на средства како би се оцрнил политичкиот противник, вели Кордалов во изјава за „Локално“.

На прашањето дали не очекува бескрупулозна изборна кампања, ако по утрото се препознава денот, соговорникот оценува дека, за жал, на тоа ќе сведочиме од причина што, како што вели, овие избори по многу параметри ќе бидат историски за македонската политичка сцена.

-Но, напоменувам дека причина за тоа или за подобри резултати нема да биде водењето на т.н. бескрупулозна црна кампања, а ниту, пак, такво нешто би влијаело значително на резултатот од изборите., тврди Кордалов.

За ПР машинериите на најголемите партии, особено на ВМРО-ДПМНЕ, комуникологот навестува дека никогаш не искажувал, па така ни сега не би сакал да дава тврдења поединечно за било која партија.

-Само генерално би посочил дека после сите трагедии кои се случија во земјата, крајно е време политичките субјекти од сите страни да застанат обединети и да почнат да работат заедно со граѓаните и експертите на изградба на систем кој ќе не извади од децениската негрижа за ресурсите, за луѓето, како и за несоздавањето на институции кои ќе работат исклучиво за граѓаните и кои се ослободени од било каква корупција и отпорни на партизација, заклучува Кордалов.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Локалните избори ќе се одржат, в недела, на 19 октомври. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги распиша осмите по ред локални избори, чиј прв круг избори за градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје. Вториот круг од изборите ќе се одржи на 2 ноември, таму каде што изборите нема да завршат во првиот круг.

Изборната кампања за прв круг започнува на 29 септември, во 00.00 часот и трае непрекинато до 17 октомври до 24 часот. Додека за вториот круг изборната кампања трае до 31 октовмри до 24 часот.

Според роковникот на Државната изборна комисија анкетите за рејтинзиите на партиите и кандидатите кои се кандидирале за претстојните локални избори ќе можат да се објавуваат една недела пред гасањето, односно до 13 октомври за првиот круг и до 27 октомври за вториот круг на гласање.

Изборите ќе ја чинат државата 9,7 милиони евра, од кои две третини се наменети за политичко рекламирање на партиите.

Н.П.

Слични содржини