Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен ја повика Кина да ја осуди руската агресија во Украина.
„Ова е навистина време кога сите ние треба да застанеме, како што тоа го прави една земја по друга од Г-20, за да ја осудиме агресијата и да бараме, меѓу другото, Русија да дозволи пристап до храната блокирана во Украина“, рече Блинкен.
Американскиот државен секретар и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји зборуваа на Бали, еден ден по состанокот на членките на Г-20, кои изразија несогласувања околу војната на Русија во Украина и борбата со глобалните последици од тој конфликт.
Блинкен рече дека не гледа „никаков знак“ за руска соработка.
Американскиот функционер, исто така, рече дека имал „корисни, искрени и конструктивни“ разговори со Ванг.
„И покрај сложеноста на односите меѓу САД и Кина, можам да кажам со одредена сигурност дека нашите делегации оценија дека денешните дискусии се корисни, искрени и конструктивни“, рече Блинкен по петчасовни разговори.
Тој, исто така, рече дека изразил длабока американска загриженост за сè попровокативната реторика и активности на Пекинг кон Тајван и ја подвлекол важноста од одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец.