Сезоната за мотоциклистите само што започна, а веќе се случија поголем број на сообраќајни незгоди во кои настрадаа повеќе мотоциклисти. Со цел поголема безбедност на мотоциклистите во сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со важни потсетувања и совети за мотоциклистите.
Прво и најважно е одржување на мотоциклот. Технички исправен мотоцикл е основен предуслов за безбедно учество во сообраќајот: По зимскиот период, а пред почетокот на летната сезона потребно е да се направи основна проверка и припрема на мотоциклот. Согласно тоа :
• Сменете го маслото и филтерот и проверете ја течноста за ладење на моторот
• Исчистете го или заменете го филтерот за воздух и системот за гориво
• Проверете ги сопирачките и осигурете се дека сопирачките функционираат беспрекорно .
• Проверете го притисокот на воздух во гумите и проверете ја дебелината на шарата на гумите
• Проверете го и наполнете го акумулаторот
• Прегледајте ги конзолите и подмачкајте го синџирот
• Проверете ги сите светла/сијалички.
Откако сите овие проверки ќе бидат завршени и ќе бидете сигурни дека сѐ е исправно и во функција, можете да се препуштите на возењето.
Второ, покрај технички исправен мотоцикл, исклучително важно е целосното и безусловно почитување на сообраќајните правила и прописи. Без да навлегува подетално во сообраќајните правила и прописи РСБСП потенцира дека гаранција за безбеден сообраќај е максимално и дисциплинирано почитување на сообраќајната сигнализација и на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот.
Трето, задолжително носење на кацига и заштитна опрема.
• Кацига. Без разлика дали патувате на кратка или долга релација, без разлика дали ви е жешко или не, задолжително носете кацига. Според ЗБСП, возачот и лицата кои се превезуваат со мотоцикл, задолжително треба да носат заштитен шлем (кацига) на главата за време на возењето на патот. Казната за не носење на кацигата за возачот и сопатникот изнесува 50 евра во денарска противвредност.
Покрај тоа, полицискиот службеник на самото место, привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот доколку тој или лицата кои се превезуваат со мотоцикл не носат или одбиваат да носат заштитен шлем (кацига) за време на возењето.
Кацигата е вашата шанса да преживеете во случај на сообраќајна незгода.
• Заштитно одело, ракавици, обувки…
Користење на заштитна опрема: заштитна јакна, заштитна облека, заштитно елече и други додатоци (чизми, наочари, кожни панталони, ракавици итн.) е исклучително важно за безбедноста на мотоциклистите и за лицата кои се превезуваат на мотоцикл, но нивното користење не е задолжително со Законот за безбедност на патниот сообраќај. Користењето на оваа заштитна опрема е препуштено на свеста и одговорноста на мотоциклистите и токму затоа РСБСП укажува и потсетува на важноста и потребата за користење на неопходната заштитна опрема. Секое лице кое управува или се превезува со мотоцикл треба да знае дека кацигата и заштитната опрема се наменети за лична заштита од несакани повреди во случај на сообраќајна незгода.
На крај, РСБСП повторно потенцира дека вистинските љубители на мотоциклот, вистинските мотоциклисти, задолжително прават техничка проверка на мотоциклот, секогаш ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и редовно носат кацига и заштитна опрема. Биди вистински мотоциклист!