Стапката на пренесување на делта сојот на коронавирус во Грција е застрашувачка, рече во четвртокот Панајотис Аркуманеас, претседател на националната организација за јавно здравје во Грција. Дека ова не е само драматична проценка, покажуваат и податоците објавени вчера од здравствените власти на таа земја, односно најголем број случаи на инфекција е забележан во последните три месеци.
„Ќе имаме зголемување на случаите оваа и следната недела, но мора да ја разгледаме возраста на заразените и дали тие ќе завршат на интензивна нега за да бидат интубирани или ќе имаме смртни случаи“, изјави Панагиотис Аркуманеас за „Скај канал“, додавајќи дека 99 проценти од оние кои завршуваат во болница или на интензивна нега не се вакцинирани, пренесува „Еkathimerini“.
„Ова е пандемија на невакцинирани“, додаде тој.
Делта варијантата веќе стана доминантна, а новите податоци сугерираат дека процентот на случаи припишани на оваа специфична мутација расте за околу десет проценти неделно, рече тој.
„Наскоро ќе достигне 70 проценти, сега го гледаме на островите, особено на островите кои бележат зголемување на заразените“, објасни тој.
Зборувајќи за истиот ТВ канал, патологот и експерт за инфективни болести Мариос Лазанас рече дека моментот на четвртиот бран на пандемијата ги изненади експертите.
„Искрено, очекувавме, но не толку брзо. Односно, мислевме дека ова цунами ќе дојде на крајот на август, но дојде многу побрзо“, рече тој.
Делта сојот е далеку позаразен, а во исто време, вакцинацијата во Грција не напредуваше до тој степен што требаше.
„Вакцинацијата е значително намалена. Луѓето заминаа на одмор и има проблем“, додаде тој.