Пандемијата на коронавирус беше најдоброто нешто што можеше да ѝ се случи на претседателската кампања на Џо Бајден, вели една од неговите најблиски советнички Анита Дан.
Новата книга, во која Гардијан имаше увид, открива дека Анита Дан го коментирала тоа во приватен разговор со соработник во време кога САД се бореа со зголемувањето на бројот на мртви, падот на економијата и здравствениот систем близу до колапс.
Детали може да се најдат во книгата „Среќен: Како Џо Бајден едвај победи на претседателските избори“ од Џонатан Алан и Ејми Парнс. Тоа е прва сеопфатна книга за изборите во 2020 година и треба да биде објавена на 2 март.
Во книгата се наведува дека Дан рекла: „Ковид-19 е најдоброто нешто што му се случило некогаш“, а авторите сугерираат дека сите службеници во кампањата веруваат во тоа, но никогаш не би го кажале тоа јавно.
Ова размислување се совпаѓа со она што тогаш го кажаа многу политички аналитичари – дека неконтролираната пандемија ги поткопува солидните економски достигнувања на тогашниот американски претседател Доналд Трамп и неговата позиција во анкетите.
Сепак, критичарите на Бајден може да кажат дека неговата кампања ги користела страдањата на јавноста во опортунистичка борба за моќ.
Анита Дан беше ангажирана во Белата куќа за време на администрацијата на Барак Обама во 2009 година пред да се врати во приватниот сектор. Во 2020 година, таа повторно ја презеде улогата на директор за комуникации на изборниот тим на Бајден, а потоа беше назначена за копретседател на тимот Бајден-Харис.
Таа се приклучи на Белата куќа минатиот месец како виши советник.