Короната ги фрли пиварите на колена

од Stefanija Kuzmanovska
170 прегледи

Во моментов, помалку од 30% од баровите и рестораните се отворени во Европа, бидејќи многу земји повторно прибегнаа кон строги мерки поради пандемијата во декември.

Проценка за бројот на угостителски објекти што работат во, за нив, клучниот европски пазар, ја објави производителот на пиво „Хајнекен“, кога ги објави своите деловни резултати.

Минатата година имаше нето загуба од 204 милиони евра, а приходите паднаа за 16,7 проценти поради затворањето на барови и ресторани, како и други ограничувања поврзани со социјалните собири и продажбата на алкохол и тие најавија дека ќе го преструктуираат нивниот бизнис, како и дека ќе отпуштат вкупно околу 8.000 вработени.

Без преседан

Податоците од Германија совршено илустрираат колку опаднала потрошувачката на пиво поради „локдаунот“.

Како што неодамна објави германскиот сојузен завод за статистика, продажбата на пиво во таа земја се намали за 5,5 проценти во 2020 година во споредба со претходната година.

Во Германија, баровите и рестораните први беа затворени од март до мај, повторно затворени на почетокот на ноември, а големите настани како што е Октоберфест, каде се консумираат огромни количини пиво, беа откажани.

Германското здружение на производители на пиво објави дека ситуацијата е „драматична и невидена во повоениот период“, објави „Дојче веле“.

Наведува и дека продажбата во баровите и рестораните паднала во споредба со 2019 година за 17,3 проценти во април и 14,1 проценти во ноември, со закрепнување во текот на летото, иако и тогаш, според некои проценки, баровите работеле само со 50 проценти од капацитетот.

Според последната одлука, мерките за заклучување во Германија, кои се однесуваат на угостители и спортски објекти, се во сила до 7 март.

Пабови и мерки

Пред воведувањето на есенското затворање на капацитетите, европскиот пазар на пиво во просек паѓаше за 20 проценти, и се очекуваше дека до крајот на годината тој пад ќе достигне 25 проценти, но падот во голема мера варира од земја до земја.

Се разбира, продажбата на алкохол за домашна потрошувачка порасна, па затоа „Хајнекен“ објави дека порачките за директна продажба на клиенти (Beerwulf, Six2Go и Drinkies) се зголемиле тројно минатата година, особено во Велика Британија, а се зголеми и продажбата на нивните системи за точење пиво.

Сепак, севкупно гледано, количините продадено пиво „Хајнекен“ паднаа за 8,1 процент минатата година, а во Европа далеку повеќе како резултат на падот на продажбата во рестораните за 40 проценти.

Навистина е прилично драматично во британскиот бизнис за производство на пиво поради антипандемиските мерки.

Локалното здружение на пиварници и пабови објави дека продажбата на пиво во пабовите минатата година паднале за 56 проценти поради ограничувањата, па затоа велат дека е потребно да се продолжат државните мерки за финансиска поддршка и по отворањето на угостителските објекти.

Слични содржини