По релативно бавниот почеток на пандемијата во Русија, бројот на нови случаи во таа земја почна да расте рапидно.
И таа земја стана втора најбрза во ширењето на инфекцијата, пишува американски „Фореин полиси“ (ФП).
Додека Кина верува дека нејзината глобална репутација е сериозно нарушена поради новата пандемија од коронавирус, Соединетите држави продолжуваат да бележат илјадници нови случаи секој ден и гледаат како Кина и европските земји почнуваат да ги креваат ограничувањата на своите жители.
Дали Путин беше во право? Како и многу негови колеги на почетокот на пандемијата, рускиот претседател Владимир Путин можеби потцени колку лошо може да помине неговата земја.
„Ситуацијата како целина е под контрола. Русија изгледа многу подобро во споредба со другите земји“, рече Путин на 18 март, потсетува ФП.
Оттогаш, бројот на случаи на коронавирус постојано расте.
Сепак, и покрај толку голем број случаи, бројот на смртни случаи е изненадувачки мал во споредба со другите земји со сличен број заразени, а се претпоставува дека тоа се должи на рускиот метод на класификација, затоа што, на пример, во САД ако почине пациент кој е позитивен на коронавирус, се смета дека умрел од вирусот, а не од друга болест.
Во Русија, причината за смртта мора да биде директно поврзана со вирусот, како што е откажување на белите дробови, за да се стави на официјалниот список на смртни случаи од Ковид 19.
„Мислам дека Русија брои правилно, додека други како Италија, Белгија и Соединетите држави претеруваат“, рече д-р Андреј Черњаев, кој помогна на Московската здравствена организација да изготви правила за класификација на смртноста од коронавирус.
Одговорот на вирусот не му помогна на Путин, кој го планираше својот следен мандат пред избувнувањето на пандемијата.
Иако Путин сè уште има голема поддршка, таа е на најниско ниво од пред 20 години кога прв пат дојде на власт, а неодамнешната анкета на Центарот „Левада“ покажа дека тој има поддршка од само 59 проценти од граѓаните.
Официјален Кремљ рече дека не може целосно да верува во резултатите од анкетата, а ФП заклучи дека Путин, можеби, имајќи ги предвид овие резултати, започнал да ублажува одредени воведени мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.