Во моментов на „Вимблдон“ владее многу тензична атмосфера бидејќи почнаа да се појавуваат позитивни тестови за коронавирус и главното прашање сега е – кој е следен.
Најдобриот хрватски тенисер Марин Чилиќ вчера се повлече од турнирот, а ден подоцна, поради позитивен тест на КОВИД-19, истото мораше да го стори и минатогодишниот финалист на овој Гренд слем турнир, Италијанецот Матео Беретини. И двајцата тенисери беа „фаворити во сенка“ оваа година во „Ол Ингланд клубот“.
Сепак, оваа вест поврзана со Чилиќ и Беретини во никој случај не е позитивна за Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, тенисери кои се во главниот фокус на лондонската трева.
Имено, Ѓоковиќ тренираше со Чилиќ на 23 јуни, а Надал и Беретини заедно истиот ден. Сите тие беа во близок контакт во текот на тој ден и под знак прашалник е што носат следните денови и часови за шпанскиот и српскиот тенисер.
Да потсетиме, Ѓоковиќ го одигра мечот од првото коло и по четири сета го совлада Сонву Квон, додека Надал денеска треба да го одигра својот премиерен меч на овогодинешниот „Вимблдон“. Противник му е Аргентинецот Франциско Серундоло.