Коронавирусот побрзо се шири надвор од Кина

од Stefanija Kuzmanovska

Во последните 24 часа имало девет пати повеќе нови случаи на заразени надвор од Кина отколку во Кина, изјави претседателот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус. Заразени лица има во повеќе од 70 земји, објави „Дојче веле“.

По Кина, во која досега беа регистрирани над 80.000 заразени, од кои 2.943 починаа, најтешко погодена е Јужна Кореја каде заразени се повеќе од 4.800 луѓе, од кои 28 починале.

Во Европа најмногу заболени има во Италија, над 2.000, од кои починаа 52 лица. Во Франција досега официјално се регистрирани 191 заразено лице, во Германија 170, од кои повеќе од половина во Северна Рајна-Вестфалија. Во Хрватска досега се забележани девет случаи: пет во Риека, три во Загреб, еден во Вараждин. Сите тие веројатно се заразиле во Италија. Во Србија засега нема случаи на заразени со коронавирусот.

Германскиот здравствен експерт Карл Лаутербах предупреди дека во случај на поголема епидемија во Германија, би можело да дојде до потешкотии во болниците поради недостаток на персонал кој може да работи во одделите за интензивна нега.

„Ако дојде до поголема епидемија, што е можно, веројатно ќе треба да ги откажеме претходно планираните операции и да ги поделиме болниците на оние кои лекуваат пациенти од коронавирус и оние кои не го прават тоа“, наведува Лаутербах.

Слични содржини