Коронавирусот се заканува на завршницата на кампањата на Трамп

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Коронавирусот е најсериозната здравствена закана за Доналд Трамп, откако позитивниот тест му беше потврден еден месец пред изборите, па тој ќе мора да паузира 14 дена со изборните митинзи, кои неодамна ги интензивираше за да го стигне ривалот на демократите Џо Бајден на националните анкети.

Трамп има 74 години и е со прекумерна тежина, па затоа е во најризичната група што може да развие сериозни симптоми на болест што досега уби повеќе од 200.000 Американци и повеќе од милион луѓе ширум светот. Заразата на Трамп може дополнително да ја дестабилизира веќе напнатата политичка клима.

Претседателскиот лекар Шон П. Конли објави дека Трамп и Меланија „во моментов се добро и планираат да останат во Белата куќа за време на нивното закрепнување“.

Помошник кој го видел Трамп во четвртокот вечерта рече дека изгледал добро и не покажува никакви симптоми, но е свесен за состојбата на соработничката Хоуп Хикс која има симптоми.

Откако официјалните лица на Белата куќа дознаа дека Хикс има симптоми, Трамп и неговата придружба одлетаа во Њу Џерси на хуманитарна акција и одржаа говор таму. Тој беше во близок контакт со десетици луѓе.

Трамп во четвртокот вечерта објави на Твитер дека тој и првата дама се во карантин.

Неговата најава претставува извонреден пресврт за неговото семејство еден месец пред изборите. Трамп ја засили предизборната активност во последните неколку недели за да го стигне неговиот демократски ривал Џо Бајден, кој води во националните анкети.

Тој значително заостанува зад Бајден во неговиот одговор на Ковид-19, велат соработници и гласачи, кои исто така го обвинуваат за економскиот колапс предизвикан од затворањето на земјата.

Иако вирусот се прошири низ целата нација, Трамп продолжи да одржува големи настани каде повеќето од собраните не носеа маски и не држеа растојание. Трамп редовно се појавуваше во јавноста без маска, исмејувајќи го Бајден за спротивното. Многу соработници на Трамп исто така одбија да носат маски.

Хикс е еден од најблиските соработници на Трамп и редовно влегува во Овалната соба неколку пати на ден.

Неколку пати беше забележана без маска, заедно со врвни соработници. Била позитивна на тест за коронавирус откако во средата развила симптоми на митинг.

Хикс (31) беше портпарол на кампањата на Трамп во 2016 година и подоцна одговорна за комуникациите во Белата куќа. Таа ја напушти таа позиција во март 2018 година за ново работно место во Фокс Њуз. Таа се врати во Белата куќа во февруари како советник на Трамп.

„Карен и јас ја испраќаме нашата љубов и молитви до драгите пријатели, претседателот Доналд Трамп и Меланија Трамп. Ние им се придружуваме на милиони низ цела Америка, молејќи се за нивно целосно и брзо закрепнување. Господ да ги благослови претседателот Трамп и нашата убава прва дама Меланија”, објави на Твитер потпретседателот на САД, Мајк Пенс.

„Ова покажува дека вирусот не штеди никого, вклучително и оние кои беа скептични. Му посакувам брзо закрепнување“, изјави портпаролот на француската влада Габриел Атал.

Британската влада им посака брзо закрепнување на американскиот претседател и првата дама по позитивниот тест за коронавирус и додаде дека САД имаат јасен протокол за наследување доколку е потребно, изјави во петокот за Скај министерот за домување Роберт Џенрик.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во петокот му посака на парот Трамп брзо закрепнување.

„Ковид-19 е битка и сите ќе продолжиме да се бориме. Секој ден. Без оглед каде живееме“, објави Мишел на Твитер.