Министерот за здравство Венко Филипче најави дека во следните седум дена можеме да очекуваме да стигна нарачаната количина од 500 илјади дози на „Синовак“.
„Стигна информација за „Синовак“. Добра вест е дека тоа што е одделено како количина за нашата земја е во спакувани кутии со шприцеви, што го олеснува процесот за имунизација. Оставам резерва тоа да се промени, гледате со што се соочуваме, но верувам дека оваа најава ќе се оствари “, кажа Филипче
Од вчера започна и вакцинацијата на сите хронично болни пациенти и со ризик од Ковид 19, на возраст од 20 до 40 години, кои се пријавиле за вакцинација до 30 април 2021. Заклучно со утре треба да се вакцинираат лицата во ризик во кои се опфатени повеќе од 40 дијагнози или повеќе од 10 групи на дијагнози кои беа одредени како ризични од страна на Универзитетските клиники и граѓанските здруженија, како кардиоваскулаторни, респираторни, бубрежни, ендокринолошки, малигни, невролошки и останати заболувања и состојби.
Донација од Бугарија и Грција
Бугарија планира да обезбеди околу 150.000 вакцини против КОВИД-19 за своите балкански соседи, изјави денеска бугарскиот министер за здравство Стојко Кацаров.
„Идејата е да се дистрибуираат до 150.000 дози меѓу соседните земји на Западен Балкан“, рече Кацаров пред новинарите, истакнувајќи дека официјална Софија добила барања од Северна Македонија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, јави Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
„Нашите потреби се целосно покриени, така што нема опасност Бугарија да остане без вакцини“, рече тој.
Министерот исто така изјави дека утре треба да пристигне одговор од Европската комисија во врска со тоа како точно треба да дејствува Бугарија и дали може да донира или продава дози.
Тој додава дека Бугарија главно сака да донира вакцини на „АстраЗенека“.
Бугарскиот претседател Румен Радев минатата недела рече дека Софија планира да донира значителни количини вакцини за Северна Македонија, потсетува Ројтерс, за која агенцијата рече дека може да помогне во подобрување на затегнатите односи меѓу двете земји, кои беа нарушени со бугарското вето на разговорите за пристапување на Северна Македонија. .
Бугарија има најниска стапка на вакцинација во ЕУ, но Кацаров вели дека неговата земја договорила дози од 13 до 14 милиони според европската шема за дистрибуција на вакцини до крајот на годината и може да си дозволи да им помага на другите земји.
Грција ќе достави по 20.000 дози вакцини
Грција ќе достави вкупно 40.000 дози вакцини против Ковид-19 на Албанија и Северна Македонија, изјави денеска портпаролката на владата на земјата.
„Грција, во координација со Европската комисија, како што прават повеќето европски земји за своите соседи, ќе понуди вакцини, односно 20 000 дози за Северна Македонија и 20 000 дози за Албанија“, рече на прес-конференција портпаролката Аристотелија Пелони, пренесе Ројтерс.