Екс-пратеничката Никица Корубин испрати порака со поддршка за родителите на загинатите од кочанската трагедија. Во објавата што ја сподели со јавноста откри дека присуствувала на вчерашниот „Марш за ангелите“ и истакна дека семејствата на настраданите не смеат да останат во овие моменти.
„Не беа сами денес во Скопје, родителите и роднините од Кочани, тие се речиси сами повеќе од 40 дена од трагедијата. Беа сами и вчера, кога медиумите доцна ја пренесоа веста за протестот. Беа сами и осамени и сите изминати денови, во строго контролиран медиумски наратив на “дозирање” на прикажување на нивната реалност.
И сите што денес бевме со нив, тие два-три часа, за подршка, за прегратка, за солидарност; сме всушност сами. Но, сами се и тие што не беа таму; и сите минувачи што посматраа во молк, и оние што не можеа, не смееа или не сакаа да се приклучат се сами.
Сами во игнорирањето на реалноста и стравот од соочувањето со неа, сами во соучесништвото, сами во апатијата, сами во авто-цензурата. И тие последици на ефектот на “заробеното општество”, на исклучување, скандализирање и манипулирање, не’ прават осамени, иако сме присутни.
Подобро е “веста” да биде прочитана или погледната, отколку доживеана. Десетина камери и новинари, стрпливо беа цело време присутни, ама повеќето најавата за настанот “случајно” ја затскрија. Нема перцепција на емоцијата, нема глума во енергијата. Доброволно остануваме сами, кога мораме да бидеме присутни. Физички, ментално, идејно. Тоа е суштината на едно општество.
И затоа, не е битно колку граѓани денес решија да бидат поддршка, битно е колку граѓани се свесни дека тие не смеат да останат сами. Не смееме ниту ние да останеме сами. Сами без правда, без вистина, без објективност; сами без функционално општество, сами без перспектива и иднина. Сами решаваме, дали сакаме да бидеме присутни или отсутни од нашата реалност и нашите животи“, стои во објавата на Корубин.
Семејствата и роднините на настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани, овде во Скопје пред државните институции бараа одговори за насилната смрт на нивните деца. Велат, не разбираат, како осомничените се приведуваат, па потоа се ослободуваат од притвор. Дел од семејствата на настраданите одбија да се сретнат со обвинителите со став дека ова е задоцнета реакција. Сметаат дека е обид за манипулација. Бараат отчет и одговорност од првите луѓе на Обвинителството и од МВР.
Дел од нив се сретнаа со државниот јавен обвинител и останатите 13 обвинители вклучени во истрагата, по вчерашниот повик на Обвинителството за средба на претставници на семејствата кои сакаат увид во сите аспекти на истражната постапка. По завршувањето на состанокот, тие беа воздржани за детали од разговорот. Од Обвинителството информираа дека одговориле на сите прашања и дилеми на блиските на настраданите.
„Обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуалната одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојните распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“, велат од Обвинителството.
Осомничени за несреќата се 60 физички и три правни лица. Меѓу приведените се актуелни и поранешни високи функционери. Од ОЈО информираат дека првични резултати од истрагата се очекуваат во следните неколку дена. Упатуваат отворени повик за сите кои можат да сведочат за кобната вечер.