Корубин за случајот „Перев“: Етнички мотивираните напади се „вина“ на сите кои константно креираат „анти-наративи“ преку масовна медиумска пропаганда

-Ниту едно ширење на вербален антагонизам, константно и упорно, „спакуван“ во „одбрана на идентитетот“ не може да води кон хуманост и хармонија, вели за „Локално“, аналитичарката Корубин

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Не постои таков напад или било каква форма на насилство, кој може да остане декларативно неосуден од страна на било кој јавен функционер, а фактичкото постапување на надлежните институции се подразбира. И тука не станува збор само за однос кон мотивот, туку за елементарно владеење на правото и заштита на секој наш граѓанин. И токму затоа одговорноста за секој јавно изречен збор, на секој избран или именуван функционер или било која влијателна фигура, е таа која го креира наративот и атмосферата во општеството, кое ги обликува и води политичките и сите други процеси“ – вели во разговор за „Локално“, политичката аналитичарка и поранешна пратеничка, Никица Корубин за случајот со нападот врз екс-новинарот Владимир Перев кој се декларира како Бугарин, ставот од официјалните власти во Софија и изјавата на премиерот Христијан Мицкоски.

Според неа, ниту едно ширење на вербален антагонизам, константно и упорно, “спакуван” во „одбрана на идентитетот“ не може да води кон хуманост и хармонија; туку може да води само кон аверзија и предрасуди. Бидејќи, како што додава, и тој „идентитет треба да се брани“ во цивилизирано општество, а не во општество на вербално и физичко насилство.

Корубин вели дека мотивот на нападот го открива истрагата, на институции кои мора професионално и независно да постапуваат, а не премиерот.

-И не е битна „самосвеста или чувството“, туку еднаквоста на сите граѓани пред законот. Без разлика дали станува збор за наши сограѓани Бугари, Албанци или Македонци. Етнички мотивираните напади се „вина“ на сите кои константно креираат “анти-наративи” (анти-ЕУ, анти-албански, анти-бугарски, анти-грчки), преку масовна медиумска пропаганда и речиси квази-идеолошка индоктринација која во реалниот живот може само да продуцира непотребно насилство, констатира соговорничката.

Објаснува дека станува збор за нашето општество и за нашите животи, кое доколку итно не се интегрира во ЕУ, ризикува да стане затворено општество на делузии.

-Вака ли изгледа во пракса „ЕУ ќе ја донесеме дома“? И тоа е прашање за сите кои од различни позииции и со слични мотиви, четири години, активно и пасивно ги блокираат и денунцираат уставните измени и Преговарачката рамка, со де-факто одбивање на активна реформа на општеството и подобрување на системот во кој сите живееме; преку механизмите на самиот процес на преговарање со ЕУ, децидна е Корубин.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека немало напад врз новинарот и публицист Владимир Перев, кој пријавил во полиција дека бил нападнат во Скопје. „Апсолутно отфрлам дека каков било напад е направен врз ова лице“, рече Мицкоски.

Тој обвини за конструкции и инженериг од страна на Бугарија и вели дека тоа не е ништо ново.

„Некој може да накисне на дождот надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата со кој се загрозува интегративниот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како хибриден напад или не знам каков друг напад, тоа е друга работа. Не очекувајте дека ние ќе имаме црвен тепих и дека нема да се прават конструкции и инженеринг. Тоа е тоа, ние сме навикнати на тоа. Инаку, апсолутно отфрлам, а и имав консултации во текот на вчерашниот ден, дека каков било напад е направен врз ова лице“, одговори Мицкоски на новинарско прашање како ги коментира реакциите на МНР на Бугарија и на бугарскиот претседател Румен Радев, кои, по објавата за нападот на Перев, побараа институциите во земјата да спроведат ефикасна истрага.

80-годишниот Перев пријавил во полиција дека на 21 ноември бил физичи нападнат од едно лице во маркет на подрачјето на Центар.

„Радев и Мицкоски се однесуваат како тетки преку плот“: Целата „ујдурма“ со Перев нема допирна точка со нашите евроинтеграции

Во меѓувреме, Поранешниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски испрати отворено писмо до Европскиот парламент и Европската комисија по повод нападот. Во отвореното писмо до европратениците и членовите на ЕК, Џамбаски оценува дека нападот врз Перев не е инцидент туку, како што вели, уште еден случај во долгиот синџир на насилство и етничка омраза во земјава. Во писмото тој додава дека со системските напади врз луѓе кои се декларираат како Бугари се кршат Копенхашките критериуми што се утврдени од самата Европска Унија. Секоја кандидатка за членство во ЕУ, додава Џамбаски, е должна да гарантира човекови права, заштита на малцинствата, стабилни институции и владеење на правото.

Н.П.

Слични содржини