Пет поглавја од преговорите за пристапување на Црна Гора во ЕУ беа затворени денес на меѓувладината конференција Црна Гора-ЕУ во Брисел, објави порталот „European Western Balkans“.
По конференцијата, комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, изјави дека Црна Гора навистина го предводи процесот на европска интеграција и дека, земајќи предвид дека Црна Гора има 12 затворени поглавја од преговорите (од вкупно 33 – н.з.), таа е и земја-кандидат со најдобри резултати.
„Следната година ќе биде одлучувачка и на Црна Гора ќе ѝ треба национално единство повеќе од сè друго за да ги постигне своите цели. Ќе ве поддржиме на секој чекор од патот“, рече Кос.
Според комесарот за проширување на ЕУ, денешната меѓувладина конференција е показател за значајниот напредок што го постигна Црна Гора. Кос додаде дека земјата сè уште има многу работа да направи, особено во однос на зајакнувањето на владеењето на правото.

Фото: Фејсбук/Официјален профил на Милојко Спајиќ/Влада на Црна гора
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ за време на заедничката прес-конференција со Кос изјави дека неговата земја затворила повеќе од една третина од поглавјата од преговорите, што ја прави првата земја што постигнала таков подвиг во последните 16 години.
Тој нагласи дека Црна Гора е многу благодарна на Франција, која, според него, поставила тешка задача за неговата земја во последните денови, но ѝ дала можност на Црна Гора да ја покаже својата сериозност во однос на процесот на европска интеграција.
Франција го блокираше затворањето на поглавјата 11 и 13 (земјоделство и рибарство) од преговорите за пристапување на Црна Гора кон Европската Унија на состанокот на Комитетот на постојани претставници на земјите-членки во петокот, потсетува порталот. Сепак, по интензивните дипломатски напори на црногорските лидери, Франција даде зелено светло за затворање на сите пет поглавја, што беше одобрено вчера од Комитетот на постојани претставници на земјите-членки.
Црногорската влада има за цел да ги затвори сите преостанати поглавја од преговорите до крајот на 2026 година, за да може земјата да биде подготвена да стане 28-ма земја-членка на ЕУ во 2028 година.