Еврокомесарката за проширување, Марта Кос денеска од Скопје порача дека Европа не може да биде обединета без земјите од Западниот Балкан. Вели дека ги слушна сличните мислења и размислувања во Копенхаген, Берлин, Варшава и во Париз за европските интеграции на земјите од регионот.
-Сакам да бидам јаснa: сега има јасен консензус за дополнително и итно проширување. Имате шанса што мора да се искористи и таа нема да трае засекогаш. Гледаме значаен прогрес – Албанија отвори три кластери во последните шест месеци. Доколку продолжиме вака, ќе можеме да ги отвориме сите кластери годинава. Црна Гора во петокот затвори уште едно поглавје. Во БиХ реформската агенда се усвои и чекаме да се усвои нова влада во Косово. Во Србија се надевам дека ќе можеме да одиме понатаму. Ова е процесот за проширување, рече Кос на почетокот на самитот Западен Балкан-ЕУ кој се одржува во земјава.
Еврокомесарката порача дека „сака да ѝ помогне на Македонија за да премине преку целта“.
-Сега сме тука за Планот за раст. Драгиот Христијан ви кажа дека сме успешни. Можам да се разнежнам кога зборувам за Западен Балкан, затоа што регионот ми е драг. Знам дека клучните реформи што ги бараме не се едноставни. Тие бараат длабока и општествена трансформација. Мора лидерите да бидат вистински во овој процес. Ви гарантирам дека вреди. Реформите се потребни за да ве подготват за членството…, кажа меѓу другото Кос.