Кос: Македонската влада има историска можност и одговорност да направи решителен чекор кон ЕУ

од Nikola Popovski
23 прегледи

„Членството во ЕУ е клучен двигател за спроведување на најважните реформи, затоа е важно С. Македонија да продолжи да напредува во процесот на пристапување, првенствено преку спроведување на уставните измени“, изјавила еврокомесарката за проширување, Марта Кос, во својот говор пред Европскиот парламент вчера за време на дебатата за Извештајот за земјава за напредокот кон ЕУ.

„Владата во Скопјe има историска можност и одговорност да направи решителен чекор кон ЕУ и да го искористи моментумот на проширување што јасно постои. Ние продолжуваме да ја поддржуваме С.Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ“, нагласила Кос.

Еврокомесарката порачала дека со овој Извештај, официјален Брисел дава јасна порака за поддршка на европскиот пат на земјата, но исто така ги опишува условите што се неопходни за таа да се движи напред.

Таа потсети дека земјава до Европската комисија веќе доставила ажурирани патокази за владеењето на правото и за реформа на јавната администрација, дека продолжува да работи на акцискиот план за заштита на малцинствата, како и дека зазела проактивен пристап во однос на Планот за раст на Западниот Балкан, со што беше првата држава од регионот на која и беше исплатено претфинансирање во рамките на Реформската агенда.

„Извештајот за С.Македонија дава сеопфатна и избалансирана проценка на ситуацијата во земјата, вклучително и во клучните области, како што е владеењето на правото. С.Македонија треба да ги засили реформите, особено во областа на прашањата за основните права и треба дополнително да го зајакне владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и да ја реформира јавната администрација“, рече Кос.

Слични содржини