Кос очекува Македонија да ги спроведе уставните измени и потоа да се забрза процесот на пристапување

од Nikola Popovski
31 прегледи

Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос очекува Македонија да ги спроведе уставните измени и да ги внесе Бугарите во Премабулата, бидејќи, како што рече, тоа е нешто на коешто смета Европската Унија.

-Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека ова е возможно, а потоа ќе следи вистинско забрзување на процесот, изјави Кос по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија.

Запрашана дали ќе работи на добивањето гаранции дека нема да има други блокади од бугарска страна, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.

-Да се зборува, што е можно повеќе, и со Северна Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија, кажа Кос.

Пред дваесетина дена, комесарката кажа решавањето на билатералните прашања ќе биде нејзин приоритет.

-Она што јас го гледам, а тоа ќе биде моја работа ако бидам потврдена за еврокомесарка, јас и моите колеги ќе направиме се што можеме за да не увезуваме билатерални прашања во процесот на проширување. Но, имаме ситуација како во вашата земја кога сево ова е дел…, посочи Кос.

Додаде дека е изводливо до крајот на нејзиниот мандат најмалку две земји да ги завршат пристапните преговори со Европската унија.

Земјите од Западен Балкан ќе се приклучат на ЕУ кога ќе бидат подготвени, а оценките ќе бидат врз основа на заслуги, посочи староновата претседателка на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен. Најави реформи и внатре во Унијата за прифаќање нови земји-членки.

-Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви за приклучување во ЕУ. Европската посветеност кон овие држави секогаш ќе биде посилна. Нека нема дилема, ќе се подготвиме со реформите на наша страна и ќе ги поддржуваме овие земји на секој чекор напред врз основа на процес на заслуги, додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата Унија, изјави Фон дер Лајен.

Слични содржини