Кос посакува Украина да биде следната земја-членка на ЕУ

од Nikola Popovski
42 прегледи

Еврокомесарката за проширување Марта Кос би сакала да ја види Украина како следна земја во ЕУ, наведувајќи дека на државата ѝ е потребна постојана политичка, економска и воена поддршка.

„Украина – сега! Тоа беше мојот одговор на пратениците во Европскиот парламент на прашањето која земја сакам следна да ја видам во ЕУ. Украина, бидејќи тие се борат за нивниот избор да бидат дел од семејството на ЕУ“, објавила Кос на социјалната мрежа „Х“.

Таа истакнала дека денеска патува за Киев за да се солидаризира со украинскиот народ кој, потсетува таа, одбележува три години од целосната инвазија на Русија.

Еврокомесарката смета дека Украинците покажале неверојатна храброст и се борат не само за својата земја, туку и за слободата, достоинството и иднината.

„Тие гледаат кон Европа затоа што ја знаат алтернативата: свет без вредности, управуван од бруталност и неправда. На Украина ѝ треба постојана политичка, економска и воена поддршка. Со 134,5 милијарди евра, ЕУ и нејзините земји-членки се веќе најголем донатор и инвеститор. Што е следно? Безбедносни гаранции, реконструкција и јасен пат кон членството во ЕУ“, истакнала Кос.

Безбедносните гаранции, посочува, се на врвот на агендата на лидерите на ЕУ. Таа додава дека реконструкцијата и пристапувањето на Украина во ЕУ се на врвот на нејзината листа на приоритети.

„Ќе ѝ помогнеме на Украина да се интегрира подлабоко на единствениот пазар, да привлече инвестиции и да ги зајакне индустриите, вклучително и одбраната. Силна Украина е посилна Европа. Мора да останеме на курсот. Слободна, просперитетна Украина е од витално значење за безбедноста и кредибилитетот на Европа. Историјата ќе ги суди нашите постапки. ЕУ го направи својот избор: Украина ни припаѓа нам. Сега, ние треба да следиме со решителност што одговара на украинската храброст“, порачала европската функционерка.

На земјите-кандидатки им треба одобрение од сите 27 членки на ЕУ за да го отворат и затворат секој чекор од преговорите за членство.

Украина и Молдавија аплицираа за влез во ЕУ набргу по почетокот на руската инвазија, додека добија кандидатски статус во јуни 2022 година. Во декември добија зелено светло за почеток на преговори.

Македонија е кандидатка за членство во ЕУ од 2005 година и годинава дочека неславен јубилеј – 20 години во чекалната. Црна Гора е кандидат од 2010, а Албанија од 2014 година.

Слични содржини