„Се надеваме дека С.Македонија ќе го промени својот Устав“, рече новата еврокомесарката за проширување, Марта Кос пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Кос го даде примерот на Србија, со која во декември не беше отворен кластерот „Конкурентност“ бидејќи земјата не ги исполнила потребните обврски. „Истото важи и за С.Македонија“, додала таа во однос на обврските на нашата земја, пренесува „БНР“.
Еврокомесарката Кос изразила надеж дека за време на полското претседателство ќе бидат отворени еден или два преговарачки кластери со Украина и Молдавија, како и напредок во неколку преговарачки поглавја со земјите од Западен Балкан.
„Ако земјите-кандидати се држат до своите реформски напори, можеме да постигнеме поголем напредок под полското претседателство отколку во последните 10 години“, била категорична таа. „Можно е да има дури 10 меѓувладини конференции“, додала евркомесарката.
И кога стапуваше на новата функција, Кос даваше сличен одговор запрашана за евроинтеграциите на Македонија.
-Да се зборува, што е можно повеќе, и со С.Македонија и со Бугарија. Мора да покажеме дека тоа е во наши раце, како да го решиме овој билатерален проблем. Без ова, а следејќи ги европските вредности, нема да можеме да го направиме она што е најдобро за ЕУ, и секако што е најдобро за Северна Македонија, рече еврокомесарката на крајот на ноември 2024 година.
На прашањето дали после тоа може да се дадат гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.
Македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава. Софија во летото 2022 година го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав, што стана клучен услов и дел од Преговарачката рамка. Сепак, нашата земја се уште не ја одржа Втората меѓувладина конференција со ЕУ бидејќи уставните измени не се усвоени.