Кошмар за нашите: Македонија на „Олд трафорд“ го претрпе најтешкиот пораз во историјата без да упати шут кон гол!

од Nikola Popovski
664 прегледи

Лесно и убедливо за најтешкиот пораз во историјата на македонските фудбалери. Фудбалската репрезентација на Англија славеше победа против нашата репрезентација во натпреварот од 4. коло од квалификациите за ЕП 2024 во Германија. Најмногу се истакна фудбалерот на Арсенал Букајо Сака, кој постигна хет-трик. Натпреварот одигран на „Олд Трафорд“ во Манчестер заврши со превисоки 7:0.

Македонските репрезентативци не успеаја да дадат посилен отпор. Добро се држеа во првите половина час, но потоа паднаа и до крајот на првото полувреме примија дури три гола.

Англичаните поведоа во 29. минута со голот на капитенот и најефикасен играч Хари Кејн по добра акција. Девет минути подоцна Сака го искористи додавањето на Вокер и ја заби топката под гредата на голманот Столе Димитриевски. Во последната минута од првото полувреме погреши капитенот Ристовски, по што во продолжението на акцијата, Хендерсон му асистираше на миленикот на домашните навивачи Рашфорд за високи 3:0.

Англичаните не застанаа тука. На самиот почеток од вториот дел беше виден најубавиот гол на натпреварот: Трент Александер-Арнолд упати долга топка кон Сака, кој одлично ја прими и уште подобро шутираше кон македонскиот гол. Истиот играч постигна хет-трик за 5:0 веќе во 51. минута!

До крајот на мечот мрежата на нашите ја наполнија Калвин Филипс во 64. минута и повторно Кејн во 73. минута, овојпат од пенал за конечни 7:0!

Неславен податок од натпреварот е што македонските фудбалери не успеаа да упатат шут во рамките на голот на Пикфорд, а немаа изведено и ниту еден корнер!

Претходно во рамките на истата група Украина како домаќин ја победи Малта со 1:0.

Слични содржини