Косово не ги екстрадира осудените за „Монструм“ – дали Македонија треба да го испорача Рамадани?

од Nikola Popovski
811 прегледи

Како Македонија да одлучи во однос на екстрадицијата на Блерим Рамадани – дали да се води по потерницата од Србија или врз основа на односите со Косово? Дали би можело да се искористи како „пазар“ во однос на нашето барање за екстрадиција на осудените за „Монструм“? Ова се само дел од дилемите откако домашните власти го притворија поранешниот припадник на терористичката ОВК. „Локално“ поразговара со универзитетскиот професор и поранешен висок полициски оперативец, Стефан Буџакоски кој тврди дека според меѓународното право сме должни штом некој е на листата за екстрадиција, да го испорачаме на земјата барател. Сепак, потребно е исполнување на неколку услови кои се поврзани меѓу двете држави.

-Кривичното дело што е сторено на тамошната територија, треба да е предвидено и кај нас и да не биде политичко кривично дело. Самата екстрадиција е една од правните инструменти кои што се воспоставуваат меѓу државите за сузбивање на тешките форми на криминалитет. Обично меѓународна потерница се распишува токму за тие потешки форми на криминалитет, објаснува Буџакоски.

Стефан Буџакоски

Професорот прави споредба со случајот и екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо од Турција.

-Се доставува барање за екстрадиција со тие докази поврзани со кривичното дело. Во секоја држава е различна постапката. Откога ќе се прими барањето за екстрадиција, по однос на известувањето дека е лишено од слобода лицето кое се бара, се оценуваат фактите и врз основа нив се одлучува. Во однос на политичкиот дел, не е дозволиво политички да се пазарат со екстрадицијата бидејќи тоа има друга смисла – борбите против тешките форми на криминалитет, дециден е соговорникот.

Околу тоа дали би можеле ваквата ситуацијата да го искористиме за „размена“ со осудениците за „Монструм“, Буџакоски е категоричен дека не би требало вакви работи да се користат за политичко пазарење меѓу држави.

-Ова може да се сфати и како политичко кривично дело, меѓутоа зависи. Тој се бара за кривични дела поврзани со воени злосторства. Многу е важно какви докази ќе достават. Србија е должна да го достави барањето со докази кои што укажуваат дека лицето е сигурен сторител на тие кривични дела. Тука ќе се видат дали постојат докази. Мора да има докази доставени од барателот, како што ние доставивме докази за екстрадицијта на Палчо, од соучесниците во случајот со Вања и Панче, докази кои што ќе ја убедат другата страна, истакнува поранешниот полициски оперативец, додавајќи дека мора да бидеме внимателни бидејќи можеме да ги нарушиме односите со двата соседи. Буџакоски уште еднаш потенцира дека треба строго да се движиме до правната рамка и правните правила за екстрадиција.

На 17-ти јули, МВР потврди дека при влез во земјава, го уапси Рамадани, баран со српска потерница преку Интерпол. Веста ја објави и косовското Министерство за надворешни работи и дијаспора, од каде појаснуваат дека станува збор за поранешен припадник на оперативната зона Неродиме на ослободителна војска на Косово, но и дека со случајот е запознаен амбасадорот на Косово во земјава, а властите работат на негово ослободување.

„На 17.07.2024 во 16.00 часот на граничниот премин Јажинце, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода б.р.(47) од Косово, затоа што при пасошка контрола и извршени проверки било констатирано дека во службената евиденција е со мерка „апси“, по барање на Интерпол Србија. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Тетово за понатамошна постапка“ – стои во полицискиот билтен.

Рамадани да биде испорачан во Србија, очекува министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

„Често се случува некоја земја некого да уапси, но да не го испорача. Ако некој навистина сака да се бори против воени злосторства, ако постојат документирани обвиненија, тогаш се разбира дека очекуваме да бидат екстрадирани и да одговараат. Овде станува збор за киднапирања, убиства“, порача неодамна Дачиќ, а пред три дена истакна дека тоа, сепак е внатрешно прашање на Македонија.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, смета дека екстрадацијата на Рамадани, не е прв таков случај кај нас и оти Србија злоупотребува дека е член на Интерпол.

-ДУИ сака да направи дека ова е прв случај. За жал, имаше и порано вакви случаи кои на крај завршуваа на Врховниот суд, со одлука да се ослободат бидејќи нема факти и аргументи, рече министерот во петокот.

Според него, Србија злоупотребува дека е членка на Интерпол.

-Мислам дека и овој случај на ист начин ќе заврши. Треба генерално да го решиме ова прашање, а не случај по случај, кажа Меџити.

Српските власти досега уапсија четворица косовски државјани кои се обвинети за воени злосторства.

Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Бегалците Демири и Исмаиловиќ со години ја избегнуваат правдата во земјава. Иако, надлежните неколку пати бараа нивна екстрадиција, косовските власти не излегуваат во пресрет на таквото барање. Нивното образложение беше дека Косово не екстрадира свои државјани. Демири и Исмаиловиќ се косовски државјани, но имаат и македонско државјанство.

Н.П.

Слични содржини