Косово: Одложени над илјада операции поради штрајкот на хирурзите

од desk2
105 прегледи

Над илјада хируршки интервенции се одложени за само една недела во Клиниката за хирургија во Клиничкиот универзитетски центар на Косово (ЌКУК) поради тоа што лекарскиот персонал стапи во штрајк, јави дописникот на МИА од Приштина.

На 17 декември 2018 година Професионалниот колегиум на хирурзите при ЌКУК донесе одлука за отпочнување на штрајк поради неисполнувањето на дадените ветувања од страна на Владата за изготвување на нацрт-закон за платите според нивните барања.

Претставникот на хирурзите Арбер Морина за весникот „Зери“ изјави дека во Клиниката за хирургија се одлагаат околу 200 операции дневно, а се третираат само итните случаи.

– Елективните операции се прекинати. Во просек, околу 200 елективни случаи секој ден не се третираат. Итната служба продолжува да функционира како и до сега. За ниеден случај на болест во кој се работи за загрозен живот на пациентит не сме ги прекинале услугите, изјави Морина.