Косово: Одлуката на Курти ги подели ЕУ и САД, Германија се најде во средина

од Nikola Popovski
135 прегледи

Владата на Ангела Меркел ја смета одлуката на Курти за делумно укинување на данокот на стоки од Србија како прв чекор кон целосно укинување на мерката, пренесува „Газета експрес“.

„Федералната влада гледа на ова како на прв чекор кон целосно укинување на сто проценти од таксите што ги наметна Косово за Србија и Босна и Херцеговина и тоа останува наша цел“, изјави портпаролот на германската влада за весникот „Газета Експрес“.

Официјални лица во Берлин, исто така, ја истакнаа важноста на косовската влада да се согласи за заеднички пристап, пренесува „Косово онлајн“.

„Според наше мислење, важно е косовската влада да се согласи за заеднички пристап“, заклучи портпаролот на германската влада.

Европската унија ја поздрави одлуката на кабинетот да започне делумно укинување на данокот кон средината на март.

Сепак, одлуката на владата на Курти не му се допадна на специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот Косово-Србија, Ричард Гренел.

Гренел во пораката на својот официјален профил на Твитер рече дека САД не се согласиле за таквата одлука, барајќи итно укинување на данокот, без наметнување на дополнителни услови.

Тој посочи дека Курти прави сериозна грешка и оти косовскиот претседател Хашим Тачи е свесен за тоа.

Дури ни Тачи денес не остана без рекација, а според него, тврдоглавоста на Курти сериозно ги оштетува односите со САД.

Исто така, Демократската лига на Косово соопшти дека данокот треба да се укине веднаш и безусловно.

Заменик-премиерот на Косово, Авдолах Хоти, истакна дека неговата партија нема да биде влада што ги доведува во прашање односите со Вашингтон.

Премиерот на Косово, Албин Курти, синоќа на прес-конференција објави дека косовската влада што ја предводи, одлучила во почетокот делумно да ги укине 100 проценти данок на суровини што Косово ги увезува од Србија.

Според него, таквата одлука ќе стапи на сила на 15 март, а во меѓувреме, доколку Србија ја запре кампањата против независност и ги отстрани нецаринските бариери за Косово, данокот ќе биде целосно укинат на 1 април за период од три месеци.