Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц изјави дека напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина е можен само со взаемно признавање на независноста на Косово и Србија.
„Косово треба да ја признае Србија, а Србија да го признае Косово како независна држава. Само кога ќе се договориме за тоа можеме да ги решиме сите други прашања билатерално“, рече Гервала Шварц во интервју за „Ал Џезира Балканс“.
Таа додаде дека е многу важно дијалогот да се занимава со суштината, бидејќи „нема потреба да се патува во Брисел“ поради ракувањето и фотографирањето.
„Мораме да напредуваме, а тоа е можно само ако го сфатиме сериозно дијалогот, бидејќи сите, па дури и Србија, знаат дека взаемното признавање е во неговиот центар“, рече таа.
Косовската министерка повтори дека Приштина планира да ја тужи Србија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата.
„Тоа ќе го направиме кога ќе ги завршиме подготовките“, рече таа, додавајќи дека „агресорот треба да ѝ пријде на жртвата и да се извини за извршените злосторства“.