Косовската амбасада очекува соодветни казни за националистичките скандирања во Куманово

од Nikola Popovski
39 прегледи

Амбасадата на Косово во Скопје внимателно ги следи случувањата во врска со антиалбанските скандирања од страна на навивачите за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово, меѓу Македонија и Романија. Во официјален одговор, Амбасадата остро ги осудува овие скандирања, кои, според нив, станале многу чести на стадионите во земјава и имаат многу негативно влијание.

Во одговорот позитивно се оценува силниот и директен став на шефот на македонската Влада, Христијан Мицкоски, како и на албанскиот политички фактор во Владата, кои, како што велат, остро го осудиле овој инцидент.

-Многу ветувачки елемент во овој поглед се смета и брзото активирање на Обвинителството за истрага на случајот. Амбасадорот Флоријан Ќехаја изразува надеж дека авторите на овие скандирања ќе добијат соодветни законски казни, со што ќе се создаде важен преседан за казнување на слични случаи во иднина, додаваат од Косовската амбасада во својот одговор.

Во текот на денот и косовската претседателка Вјоса Османи се огласи со реакција по повод националните скандирања. Таа во изјава за косовските медиуми порачала дека антиалбанските скандирања го нарушуваат духот на соживот и меѓусебното почитување, што, како што наведува, треба да биде основа на секое демократско општество со европски аспирации.

Османи со осуда: Антиалбанските скандирања во Куманово се неприфатливи, ќе го браниме достоинството на Албанците каде и да живеат