Косовската полиција (КП) соопшти дека на контролниот пункт се обидела да го запре возилото кое удрило во автомобилот на КП и дека полицајците пукале бидејќи на тој начин нивните животи биле загрозени.
Канцеларијата за Косово претходно денеска соопшти дека специјалните единици РОСУ пукале во возилото во кое имало Срби, при што еден од нив бил ранет.
„Во Бистрица Лепосавица денеска на пунктот на службена должност беше распоредена полициска единица со цел одржување на јавниот ред и безбедност, како и спречување криминални активности и шверц. Полициската единица која била на контролниот пункт се обидела да запре автомобил, кој додека се движел удрил во возило на косовската полиција, при што директно ги загрозил животите на полицајците, кои за да ја неутрализираат опасноста по нив пукале од огненото оружје“, стои во соопштението на КП.
Како што додаваат, осомничените го напуштиле местото на настанот заедно со своето возило, додека истрагата поврзана со случајот се спроведува во соработка и координација со правосудните органи.