Шала за „Локално“: Најголемата закана за Србија доаѓа одвнатре – политичка поларизација, социјално незадоволство и енергетска зависност од Русија

„Косово е веќе изгубено за Србија“ - Шала: Дискусијата ќе се префрли на Војводина, каде што има силен регионален идентитет, поразвиена економија и многу поблиски врски со ЕУ

од Nikola Popovski
49 прегледи Фото: Фејсбук

Косовскиот премиер Албин Курти најави создавање заедничка воена единица со Албанија и милијарди инвестиции во зајакнување на Косовската армија, вклучувајќи соработка со НАТО и развој на воената индустрија. Србија го нарече тоа директна закана и обид за дестабилизација на регионот, додека политичкиот живот во Косово е сè уште блокиран. За дел од соговорниците на „Локално“ за оваа тема, Косово сфати дека, соочено со постојаната закана од Србија, која само минатата година инвестираше повеќе од 2,2 милијарди евра во својата армија, мора да се потпре на сопствените одбранбени капацитети.

Според косовскиот аналитичар и експерт за безбедност, Дризан Шала, развојот на лесната воена индустрија (вклучувајќи фабрика за муниција) и соработката со Албанија се превентивни, а не агресивни мерки.

-Србија, секако, ќе го протолкува ова како провокација бидејќи го губи својот монопол на воена моќ над Косово. Реакцијата на Белград ќе биде двојна: дипломатска (алармирање на меѓународните форуми) и пропагандна (претставувајќи го Косово како „закана“), иако Србија во пракса знае дека Косово сè уште е првенствено заштитено од НАТО, вели Шала.

За „воениот сојуз“ меѓу Хрватска, Албанија и Косово, Шала истакнува дека не станува збор за формален сојуз, туку за политичко-воена координација во рамките на НАТО. Албанија и Хрватска се членки на НАТО, додека Косово тесно соработува со Алијансата.

-Оттаму не постои нов воен пакт туку совпаѓање на интересите: стабилноста на регионот и одвраќањето на Србија од каква било воена авантура. Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ е дел од неговата стратегија да ја претстави Србија како жртва и да ја оправда внатрешната милитаризација, посочува соговорникот.

На прашањето дали Србија е загрозена одвнатре и однадвор, експертот истакнува дека земјата не е реално загрозена однадвор – ниедна соседна земја нема намера да ја нападне нејзината територија.

-Најголемата закана за Србија доаѓа одвнатре: политичка поларизација, економски притисоци, социјално незадоволство и енергетска зависност од Русија. Наративот за надворешна закана е инструмент за зајакнување на владината контрола и мобилизирање на јавното мислење, посочува Шала.

По прашањето за статусот на Војводина и дали цени дека Србија ќе „тежнее“ по него како што го прави тоа со Косово, аналитичарот вели дека официјална Приштина е завршена работа за Србија – „изгубена“ политички, иако Белград сè уште не го признава.

-На долг рок, дискусијата ќе се префрли на Војводина, каде што има силен регионален идентитет, поразвиена економија и многу поблиски врски со ЕУ. Во моментов, нема услови за сецесија или конфликт, но е јасно дека централистичкиот модел на Белград е сè повеќе оспоруван.

Денес, Косово е важен фактор во безбедносната архитектура на Балканот. Секој чекор од неговата воена модернизација е мотивиран од потребата за самоодбрана и координација со НАТО. Србија, напротив, го користи дискурсот на надворешна закана за да ги прикрие внатрешните слабости. Регионот ќе остане напнат, но рамнотежата на моќта е таква што отворената војна е невозможна – сè додека Косово останува цврсто закотвено за своите западни сојузници, заклучува Шала во разговорот.

Дел од српската јавност смета дека факт е како Косово ги зајакнува своите одбранбени сили и сè додека тие се насочени кон одбранбени цели, западните земји нема да видат проблем во нивниот развој. Од гледна точка на повеќето западни земји, дел од српските аналитичари со кои поразговора „Локално“, велат дека Косово е независна држава и како таква има право да развива сили за самоодбрана.

Косово и Албанија најавуваат заедничка воена единица – како ќе реагира Србија?

„Локално“ уште во март ја анализираше ситуацијата со воената соработка меѓу трите земји од регионот. Македонија не беше дел од трилатералниот меморандум за соработка што го потпишаа министрите за одбрана на трите земји. За дел од аналитичарите, светот и регионот се во тензија и работите се случуваат една по друга и оттаму се зајакнуваат соработките.

Три земји од Западен Балкан потпишаа воен договор, Македонија не е вклучена: „Светските геополитички промени претставуваат опасност српската политика да стане уште побрутална“