Познатиот косовски новинар Вехби Кајтази вели дека таканаречената „Кумановска група“, односно косовските државјани кои ги предизвикаа крвавите инциденти во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље, се злосторничка банда и немаат никаква врска со правата на Албанците во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Кајтази во дебата на телевизијата Дукаѓини изјави дека пред да се случи судирот на групата со македонската полиција, во Косово дошол лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети за да побара помош од неговите некогашни соборци од Ослободителната војска на Косово (ОВК) и тогашните косовски властти, за справување со групата која почнала да оперира во Северна Македонија.
Според главниот уредник на порталот „Инсајдери”, Ахмети во Приштина бил испратен од тогашниот македонски премиер Никола Груевски.
– Дојде Али Ахмети, се сретна со Рамуш Харадинај и го предупреди дека една вооружена група се движи натаму, но не добил одговор. Рамуш нé слуша, нека каже дека не е така. Се сретнал и со Хашим Тачи, кој не е тука, се сретнал и со Кадри Весели и со премиерот Иса Мустафа. Сите тие барале решение, затоа што вооружена група од Косово заминала таму и предизвикувала безредија, тврди Кајтази.
Тој тврди дека акцијата на групата немала никаква врска со националните права на Албанците во Северна Македонија.
– Кои слободи и права на Албанците и кои се тие за да ги решаваат тие права! Заминале таму 30-40 или 50 лица и ќе ги решавале правата! Оставете ги тие работи, тоа е опортунизам и политика што го прават тие (политичарите). Длабоко во себе мнозинството мислат вака… Тие (кумановската група) се криминална банда која заминала во (Северна) Македонија, се борела со македонските полициски сили, меѓу нив и Албанци, загинаа осуммина полицајци, како и некои други лица и овој случај е затворен со децидна судска одлука. Случајот е во македонскиот Врховен суд и како што ќе одлучи тој суд ние треба да му веруваме, изјави Кајтази.