Косовски обвинители: Не сме информирани за наводниот обид за атентат врз Курти

од Nikola Popovski
245 прегледи

Главниот државен обвинител во Приштина, Бесим Кељменди и главниот обвинител на тамошното Специјално обвинителство, Бљерим Исуфај не добиле никакви информации за наводите за планиран атентат врз косовскиот премиер Албин Курти, кои самиот Курти ги изнесе вчера, пренесува „Газета експрес“.

„Во нашата канцеларија во моментов нема никакво дејство во врска со ваквите вести“, рекол Кељменди, додека Исуфај истакнал дека нема никакви информации.

„Газета експрес“ посочува дека, според законот, секоја институција, вклучително и Косовската разузнавачка агенција и косовската полиција, имаат обврска веднаш и без одлагање да го известат државниот обвинител доколку има закани кон функционери или постои сомневање дека нивните животи се во опасност.

Курти за новинарите вчера, по враќањето од Скопје, изјави дека во земјава се чувствувал безбедно и покрај заканите од, како што наведе, „поединци и структури кои имаат корени од официјален Белград“.

Портпаролот на нашето МВР негираше дека имало обиди за убиство на Курти при неговата посета на Скопје.

„Што се однесува до безбедноста при посетата на премиерот Курти, таа беше организирана по однапред утврдени правила и безбедносни проценки“, информира Тони Ангеловски.

Слични содржини