Косовскиот МВР очекува обвинение по нападот во селото Бањска

од Stefanija Kuzmanovska
212 прегледи Kosovo police officers seen near an armored vehicle secure a cross road leading to the Banjska Monastery in the village of Banjska on Sunday, Sept.24, 2023. Kosovo's prime minister on Sunday said one police officer was killed and another wounded in an attack he blamed on support from neighboring Serbia, increasing tensions between the two former war foes at a delicate moment in their European Union-facilitated dialogue to normalize ties. (AP Photo/Visar Kryeziu)

Крајно време е обвинителството во Приштина да покрене обвинение за настаните во Бањска на северот на Косово кон крајот на септември и да го објави конечниот извештај бидејќи повеќето од учесниците се идентификувани, изјавил косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечла.

За време на вооружен инцидент во селото Бањска на северот на Косово на 24 септември минатата година, во конфликтот меѓу паравоена група Срби и косовската полиција, загинаа еден полицаец и тројца членови на таа група, неколкумина беа уапсени, а косовската полиција запленила поголема количина оружје, муниција и воена опрема.

Приштина го обвини Белград дека стои зад нападот, што највисоките српски претставници, почнувајќи од претседателот Александар Вучиќ, категорично го негираа.

Но, одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, еден од поранешните лидери на Српската листа (СЛ), сестринската партија на Српската напредна странка, а во исто време поднесе оставка во СЛ.

После тоа, Радоичиќ беше приведен во Белград, сослушан, а потоа за неполни 48 часа ослободен со забрана за напуштање на државата, но против него во Србија не беше покрената кривична постапка, пишува „24сата.хр“.

Според косовските медиуми, косовскиот министер за внатрешни работи изјавил дека полицијата по вооружениот конфликт презела истражен процес, „најголем во нејзината историја“.

„Дел од тоа сведочење е јавно, а дел е во рацете на обвинителството. Цврсто верувам дека е крајно време косовското обвинителство да почне да поднесува обвиненија или барем да подготви конечен извештај“, изјавил Свечла за порталот „Косово онлајн“.

Свечла, посочувајќи ја поврзаноста на безбедноста „со другите сегменти од работата на институциите, особено во дипломатијата“, рече дека меѓународните партнери на Косово треба „официјално да бидат информирани за тоа што се случило со нападот во Бањска, но и за она што беше откриено“.

Изјавата на Свечла уследи неколку дена по посетата на Косово на шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон, кој во извештајот пред парламентарците во Лондон, меѓу другото, рече дека конфликтот во Бањска може да доведе до многу опасна ситуација, објави приштинскиот портал reporteri.net.

Косовскиот министер смета дека „има повеќе од доволно докази за да се подигне обвинение“.

„Ги идентификувавме повеќето учесници, нивното минато, нивната вмешаност во други случаи, бидејќи таа група – или голем дел од неа – претходно се занимавала со криминални активности“, рече косовскиот министер за внатрешни работи.