Косовско влијание во пресрет на изборите: „Се влегува во опасна игра победникот кај македонската страна да биде оставен во опозиција“

од Nikola Popovski
799 прегледи

Тројката лидери на партии, Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити, во придружба на Арбен Таравари на средбата кај Курти во Приштина разговарале за идејата за следен претседател Албанец во земјава, со интелектуален кредибилитет, кој ќе го отелотвори соживотот меѓу етничките групи и ќе го гарантира европскиот пат на државава. Ова стои во официјалното соопштение од Кабинетот на косовскиот премиер, со речиси идентична содржина како објавеното на Фејсбук-профилите на тројцата лидери на Европскиот сојуз за промени.

Средбата доаѓа три месеци пред одржувањето на парламентарните и на претседателските избори во земјава. Истиот ден кога почна да функционира техничката влада, а во Косово беше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој во интервју за приштинската „РТК“ повика, Курти јасно да каже дали неговата партија „Самоопределување“ ќе учествува на изборите на 8-мај.

Може ли да му се верува на зборот на Курти дека нема да се „меша“ во македонските избори?

Дел од домашната јавност смета дека тоа што го прави косовскиот премиер, зборува доволно за македонската политичка сцена. Според политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, Курти е лидер на друга држава и тоа што тој има да го каже во врска со Македонија, како комуникација треба да е преку нашата дипломатија.

Александар Ристевски

-Проблемот го гледам кај нашите сервилни политичари. Тоа што го прави Курти, а претходно Рама, зборува и за нив двајца, ама и за нашиве на кои им треба очигледно ментор, што е жално, вели Ристевски за „Локално“.

Околу наводна Заедница на албански општини во Македонија, за која дел од експертите велат дека тоа е целта на Курти, откако Западот го тера да направи нешто слично дома со српското малцинство, Ристевски истакнува дека ситуацијата на Косово, со македонската реалност се две различни состојби и дециден е дека пресликување нема и не може да има.

-Ниту во политички, ниту во историски, ниту правен контекст. Кај нас таа можност би била против уставна. Кај нас постојат плански региони кои се форма за регионален развој, но не се форма на уредување. Ние сме унитарна држава, и било каква форма на етничка поделба е правно неиздржана, категоричен е соговорникот.

Првите средби на првиот албански премиер на Македонија,Талат Џафери беа со амбасадорите на Албанија и Косово, за кои аналитичарот смета дека не е прашање на скриени пораки, туку на капацитет, поддршка и контакти.

-ДУИ како партија не е дел од ниту една партиска европска група (пробаа фиктивно да бидат „зелени“, за да се приклучат на Зелените, ама тоа тешко проаѓа), а за да се каже дека се има поддршка најлесно е да се повикате на Косово и Албанија. Талат Џафери не е прв албански премиер на Македонија. Тој е технички премиер задолжен за спроведување на изборите. Да не ги мешаме поимите и даваме измислени титули. Веќе имавме една таква цели четири години, прв вицепремиер беше истата, објаснува Ристевски.

Аналитичарот се согласува дека е потребна здружена (широка) македонска коалиција, како одговор на потезите на албанските партии, но таа да биде во опозициска форма. За почеток, подвлекува Ристевски, комплетната актуелна власт треба да оди во „аут“,

-И СДСМ и ДУИ – ДУИ поради системската корупција и 20 години власт, СДСМ поради сервилниот однос, останувањето на власт по секоја цена, поради сите негативни отстапки и лажни ветувања кои ги направи. Дека ВМРО ДПМНЕ треба да бара окрупнување на опозицискиот блок, дефинитивно. Но да бидеме искрени, ако влеземе во приказната на етнички коалиции, тоа е среднорочно формула за пропаст. Коалициите и партиите треба да се детерминираат според идеологија и програма, посочува Ристевски и оценува дека заврши времето на барања од државата по етнички прашања.

-Тие теми се затворени, и сега треба да се зборува за правда и владеење на правото, за школство, здравство, развој, инфраструктура, а најмногу за професионален раст и „мерит“ систем за вреднување. Се друго е будалаштина и обид на неспособните да останат во преден план. За почеток почитување на закон. За секоја форма за поттикнување на меќуетничка, верска и расна нетрпеливост, или за доведување на државата во состојба каде се загрозува нејзиниот суверенитет и територијален интегритет си има кривичен закон. Си се поднесуваат пријави и секој кој ровари треба и мора да одговара, заклучува соговорникот.

Од друга страна, политичкиот аналитичар, Александар Генчов не гледа ништо чудно во мешањето на косовскиот премиер на изборите во земјава, со оглед дека веќе претходно учествуваше на изборите во Албанија. Според него, чудно е што во Македонија одбира страна и ја одбира опозицијата.

Александар Генчов

-Се меша и со самото тоа што најавува дека негови членови со македонско државјанство ќе бидат дел од изборите. Во неговата свест и свеста на повеќето е дека Македонија е трета албанска држава и тоа е нормално тој да се замеша и во овдешните избори. Што тој феномен ќе донесе – дали ќе биде домино ефект и други соседни држави да го направат истото? Со наметнување на тоа негово легитимно право, ги затвора политичките усти на сите останати што ќе речат зошто не би мешал и Вучиќ, Захариева, Марија Габриел итн?, констатира Генчов во разговор за „Локално“.

За средбите на Џафери со косовскиот и албанскиот амбасадор, соговорникот смета дека не се работи за скриени пораки.

-Изненаден сум дека Џафери прво се сретна со косовскиот и албанскиот амбасадор во земјава. Мислев дека ќе биде потактичен. ДУИ е насочена внатре во земјава за зголемување на нивното влијание и унитарност. Тоа е народ во раст, наведува Генчов.

Вели дека е еден од ретките аналитичари кој кажува дека македонскиот народ е народ во одредена политичка и ментална регресија во моментов.

-Никогаш не сме биле на полошо духовно и политичко ниво. Сметам дека, ако е точно тоа што се зборува во кругови дека се подготвува коалиција на сите албански партии, плус поразениот кај Македонците, мислам дека се влегува во една крајна опасна игра – победникот кај македонската страна биде повторно оставен во опозиција. Сметам дека самата идеја, за изигрување на следната победа на ВМРО-ДПМНЕ, претставува влегување во крајно опасни води, оценува Генчов.

Соговорникот е дециден дека наводното барање за заедница на албански општини во земјава е тотална бесмислица, затоа што, како што вели, такво нешто може само да бара нацијата која што е во пад.

-Албанската нација не е во пад или регресија. Таква нација е македонската и сметам дека за 10-15 години ќе се појави македонски политичар кој што ќе побара заедница на македонски општини. Народ кој што е во раст нема интерес од создавање на вакви процеси. Апсолутно нема да одат на барање на заедница на албански општини, објаснува аналитичарот.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред два дена интервју за Радио-телевизија Косово (РТК) повика Курти јасно да даде до знаење дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на парламентарните избори што на 8 мај ќе се одржат во земјава.

Прашан дали вклучувањето на партијата на Курти на изборите во С Македонија ќе влијае на изборниот резултат, Ахмети вели дека евентуалното учество на Самоопределување на парламентарните избори нема да влијае на резултатот бидејќи, како што кажа, „албанскиот електорат е мошне дефиниран во Македонија“.

Курти во својата изјава од Скопје пред десетина дена, не спомна поддршка на следните избори за опозициските партии на Албанците, иако тие, обединети во коалицијата „Европскиот сојуз за промени“, на крајот на декември минатата година се пофалија дека добиле уште еден поддржувач, партијата Самоопределување на Албин Курти.

Како што соопшти тогаш претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, на изборните листи на оваа коалиција ќе има претставници на Самоопределување. Веста ја потврди и советникот на косовскиот премиер за Северна Македонија, Беким Ќоку, кој стоеше рамо до рамо со албанскките опозиционери.

Н.П.

Слични содржини