Косовското Претседателство: Македонското МВР да се извини и да се преземат мерки против инволвираните функционери

од Илинка Илиоска
837 прегледи

Претседателството на Република Косово му одговори на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија за изјавата за инцидентот кон претседателката Вјоса Османи во четвртокот на скопскиот аеродром.

Претседателството порача дека македонското МВР треба да се извини, а не да го оправдува барањето на аеродромското обезбедување да го земе и скенира личниот телефон на претседателот на Косово. Во реакцијата се вели дека претседателката со право одбиал да го предаде телефонот, според советите од безбедносните институции.

А, како што велат од Претседателството, наредбата за ваква контрола, која ѝ била направена на Османи, ја дало Министерството за внатрешни работи на Македонија.

„Всушност, денеска скопскиот аеродром, како и самото Министерство за внатрешни работи на Македонија, признаа дека наредбата е дадена од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија за таква контрола, што целосно е во спротивност со правилата за однесување со шефовите на држава според дипломатските практики“, се вели во реакцијата.

Претседателството повторно ја разјасни ситуацијата. Оттаму велат дека не е точно дека Османи не се согласила да ѝ ја скенираат чантата.

Уште поскандалозно, Претседателството ја виде денешната изјава на македонското министерство „дека министерот за внатрешни работи на Северна Македонија имал некаква информација, поради која се барало да се провери личната чанта и телефонот на претседателката“.

„Ова е невидена тенденција да се оцрни не само претседателката, туку и државата Косово. Северна Македонија треба да има предвид дека ваква пропаганда се прави против претседателка која во својот мандат сама придонела за продлабочување на позитивните односи меѓу Косово и Северна Македонија“, се вели во реакцијата.

Претседателството повтори дека службениците на скопскиот аеродром се обиделе физички да ја попречат Османи и дека согласно безбедносните протоколи „косовската полиција професионално реагирала“.

Претседателството ја опиша ситуацијата на аеродромот како „чиста провокација и тенденција за предизвикување инцидент“.

Претседателството дополнително побара да се разгледа случајот и да се преземат мерки против инволвираните функционери.

Слични содржини