Костадинов бара да не се дозволи гласање на Извештајот за Македонија: „Се исмејува Бугарија, ситуацијата изгледа како Скопје да е членка на ЕУ“

од Nikola Popovski
530 прегледи

„Дури и ако утре извештајот за пристапувањето на Македонија кон Европската Унија (ЕУ) биде усвоен од страна на комисијата, неговото гласање во Европскиот парламент (ЕП), кое треба да биде на почетокот на јули, не треба да се дозволи“. Ова го изјавил на прес-конференција претседателот на бугарската крајнодесничарска про-руска партија Преродба, Костадин Костадинов.

Според него, гласањето за овој извештај во ЕП треба да се одложи. Тој во изјава за бугарските медиуми објаснил дека европратениците од партијата веќе побарале такво одложување во писмо до претседателката на ЕП, Роберта Мецола. Костадинов е на мислење дека премиерот на Бугарија, Росен Жељазков исто така треба да заземе став по ова прашање и да побара овој извештај да не се гласа во салата на ЕП. Тој прецизирал дека тие не бараат цврсто отфрлање на извештајот, туку одложување на неговото усвојување.

Костадинов посочил дека причините за барањето за одложување на гласањето се дека, според неговите зборови, „овој извештај е, благо речено, скандалозен“. Тој објаснил дека Преродба има европратеник Станислав Стојанов, кој е известувач „во сенка“ за групата „Европа на суверени нации“, но, како што вели, не му било дозволено да присуствува на финалната дискусија за извештајот. Костадинов рече дека нивната пратеничка група во Европскиот парламент нема да го поддржи овој извештај.

Според Костадинов, тактиката на Македонија е дека „ова е билатерален проблем меѓу нив и Бугарија, а нивните лобисти во ЕП велат дека ова билатерално прашање не треба да се смета за пречка меѓу земјата и ЕУ за процесот на преговори“.

Тој потсетил дека во 2022 година, тогашниот бугарски парламент донел одлука со која беше усвоен таканаречениот француски компромис, но оваа одлука го претворила билатералниот спор меѓу двете земји во спор меѓу Македонија и ЕУ.

Според Костадинов, ситуацијата изгледа како Македонија да е членка на ЕУ, а Бугарија е кандидат за членство и, како што тврди, врз нив се врши притисок. Тој порачал и дека извештајот не содржи апсолутно ништо во врска со наводна репресија врз Бугарите во Македонија. Според него, овој извештај е исмејување на Бугарија.

Костадинов повторил дека неговата партија инсистира, а тоа треба да биде став и на државата, дека Извештајот за напредокот на Македонија не треба да се прифати.

Слични содржини