Лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов побара оставка од бугарската Влада поради гласањето во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за извештајот за напредокот на Македонија кон членството во Европската Унија.
„Извештајот официјално го признава милениумскиот македонски идентитет, јазик и култура, но во исто време го отфрла присуството на какви било Бугари во Македонија. Во извештајот, исто така, не се споменува ниту збор за репресиите врз Бугарите во Македонија“, напишал Костадинов на својот Фејсбук профил.
Според бугарскиот пратеник, само групата во ЕП создадена од неговата партија гласала едногласно за бугарскиот став.
Костадинов, исто така, пишува дека Извештајот бил поддржан од европратениците од групите на Европската народна партија (ЕНП), Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Обновете ја Европа, Социјалистите и демократите (СД), Зелените/Европската слободна алијанса – групи во кои се вклучени европратеници од повеќе бугарски партии.
„Поради овој колосален неуспех, владата на ГЕРБ, ДПС, БСП и ИТН мора веднаш да поднесе оставка“, пишува Костадинов.
Нацрт-извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ беше одобрен денес од европратениците во Комитетот за надворешни работи со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“.
Комисијата не ѝ дозволи на групата на ЕНП да поднесе амандман на текстот и пред зборовите „македонски јазик и идентитет“ да бидат вметната формулацијата „модерен“. ЕНП, Социјалистите и демократите, групите „Обновете ја Европа“ и „Зелените“ објавија дека ќе го поднесат истиот амандман во писмена форма пред очекуваното гласање за Извештајот на пленарната седница во Стразбур во јули.