Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов одби покана за средба од министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, откако, како што вели, проблемот со недостатокот на негувателки и воспитувачи во струмичките градинки веќе е решен на локално ниво.
„Средбата се бараше под услов таму да присуствуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, додека јас сам да одам од наша страна. Нетранспарентни, политички сценарија не прифаќам. Или сите седнуваме заедно, или воопшто не седнуваме“, истакна тој.
Дополнително, тој укажа на, како што рече, долготрајниот непрофесионализам на Министерството, посочувајќи дека со месеци не е исплатен повратот на ДДВ за струмичкото јавно претпријатие за превоз, што довело до ризик од блокада и укинување на јавниот транспорт во градот. „Се молевме со месеци, но слух добија дури кога видоа политичка корист,“ потенцира градоначалникот.
Според него, ваквите потези се дел од политичка кампања и тој нема намера да биде дел од туѓ пијар.
„Ние го решивме проблемот со кадарот. Сега доаѓаат доцна, како што доцнат и со регионалниот пат кај Дабиле, томографот во болницата и сите ветени проекти за Струмица,“ заклучи тој.