„Лидер, макар бил и на растурена партија каква што е ВМРО-ДПМНЕ треба да се стреми да биде најпопуларен политичар, не најпопуларен пациент во државата“, напиша денес пратеникот од редовите на СДСМ, Костадин Костадино, реагирајќи на објавата од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, „граѓаните, нас политичарите не гласаат за политиките кои ги спроведуваме, никако не не гласаат и не смеат да не гласаат заради сожалување како што мисли Христијан Мицкоски“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој 13 дена е позитивен на Ковид-19 и хоспитализиран на Инфективната клиника на Фејсбук сподели дека поминал исклучително тешки 12 дена.
„Денес ми е прво утро без покачена температура, подобро се чувствувам. Ова што јас го преживувам не сакам да биде ничија реалност бидејќи вирусов е страшен. Сакам да упатам јавна благодарност до целиот медицински персонал на Инфективна клиника во Скопје. Секој од нив е вистински борец и нивната посветеност и пожртвуваност не се опишува со зборови“, пишува Мицкоски.
Во постот тој упатува и критики до Владата за тоа што не е започнат процесот на вакцинација.
„Жално и трагично е што сѐ уште не е започнат процесот на вакцинација бидејќи без тоа нема решение, а очигледно за него ќе чекаме уште многу. Ќе помине и мојата здравствена мака, ама ќе започне маката на Владата заради оваа неодговорност и неспособност за набавка на вакцини. Не е време за циркус со шпиунски игри, треба сериозни луѓе на вистински места што знаат како. Ако на времето беше смешно кога ќе слушневме дека блескаме, денес е трагично бидејќи блескаме поради срамот, простотилукот, неспособноста на власта. Доаѓа денот за одговорност“, пишува Мицкоски.