Костадинов ги потпиша решенијата: Пожарникарите во Струмица ќе бидат најплатени во Македонија

Пожарникарите од месецов ќе добиваат 80 илјади денари, најави градоначалникот на Струмица

од Nikola Popovski
658 прегледи

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов најави дека пожарникарите од неговата општина од овој месец ќе ја добијат заслужената награда за својата храброст и пожртвуваност. Како што информира, со новите решенија тие ќе бидат најплатени во Македонија, со месечна плата од 80.000 денари.

-Тоа е најмалку што можеме да направиме за луѓето кои секојдневно го ризикуваат сопствениот живот за да спасат туѓ. Истовремено, потпишани се решенијата и за сите вработени во општинската администрација, кои согласно колективниот договор ќе добијат 20% зголемување на платите. Тоа е порака дека трудот и посветеноста во служба на граѓаните не остануваат незабележани. Знам дека ниту една бројка не може да ги надомести сите стресови, ризици и одговорности. Но ова е доказ дека Струмица знае да каже благодарам не само со зборови, туку и со дела, истакна градоначалникот.

Според Костадинов, ова не е само финансиска одлука туку симбол на почит и симбол на вреднување.

-Симбол на нова ера во која храброста и чесниот труд стојат на пиедестал. Од денеска секој пожарникар спасител и секој вработен во општината знае дека нивниот град стои зад нив, со почит, со благодарност и со дела што траат, стои во објавата на струмичкиот градоначалник.