На вчерашната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки. Од партијата велат дека оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
По тој повод се огласи и екс-градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кој не доби поддршка од партијата за да истрча на локалните избори во потрага по нов мандат.
„Како замрзнат член, сметам дека иако дел од претходните одлуки на раководството на мојата СДСМ беа исклучително нетактични, денешниот чекор е движeње напред. Ова е одлука што треба да се поздрави, затоа што отвора простор за вистинска промена“, објави Костадинов.
Инаку, Костадинов откако не ја доби довербата од централата на партијата да се трка за втор градоначалнички мандат донесе одлука да го замрзне членството во СДСМ до завршувањето на локалните избори. Неодамна упати директна критика кон актуелното раководство на СДСМ, обвинувајќи за безидејност, недостаток на храброст и отсуство на вистинска понуда за граѓаните. Сепак, подвлече дека останува социјалдемократ „не по книшка, туку по вредности“. Тој претходно порачуваше дека мора да се седне на маса, за консолидација, но суштинска, а не декларативна на прес-конференции, односно како што вели „вистинска, лице в лице“.