Костадинов го прашува ВМРО-ДПМНЕ зошто се блокира реконструкцијата на патот Струмица-Дабиле во булеварско решение

од Nikola Popovski
46 прегледи

Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов денеска од претставниците на власта од редовите на ВМРО ДПМНЕ, јавно побарал одговор зошто се блокира реконструкцијата на патот Струмица – Дабиле во булеварско решение.

Како што објавија од општина Струмица, ова е многу голем проблем за струмичани, но и оние кои патуваат до Бугарија, Ново Село, Берово, за индустриската зона во којашто егзистираат триесетина компании.

-Овој проект за којшто ние сме сакале да покажеме партнерски однос кон државата и сме потпишале Спогодба, е блокиран поради неспособност или поради водење инает со цела Струмица. Оваа Спогодба општина Струмица ја има потпишано со Јавното претпријатие за државни патишта кое е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски. Министерот за транспорт и врски беше носител на листа во 4 ИЕ и ветуваше што ли не, а од Спогодбата јасно се гледа во однос на обврските преземени од ЈП за државни патишта и од Министерството за транспорт и врски дека целосно ќе ги реши сите имотно – правни односи за потребното земјиште. Зошто ова го потенцирам. Затоа што од моментот од кога е потпишана Спогодбата, експропријацијата не е решена, а со тоа ниту нашиот изведувач на општина Струмица, ниту изведувачот на ЈПДП, ниту ЕВН кој што треба да направи дислокација на одредени столбови не можат да работат заради незавршени имотно – правни односи. Кој и зошто ја блокира општина Струмица?

И јас и граѓаните заслужуваме одговор. Потенцирам, овде има 30 компании коишто гледаат фамилии и даваат плати со чесно заработени пари, овде поминуваат болнички возила и граѓани коишто секојдневно имаат најразлични потреби, станува збор за една од најфреквентните делници во Македонија, ова повеќе нема да го толерираме и заслужуваме одговор и мора сите да се фатиме за работа наместо како делегации да трошиме по 200 илјади евра во еден правец, изјавил градоначалникот Костадинов на патот Струмица – Дабиле.

Слични содржини