Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов истакна дека е згрозен од наставникот во струмичко училиште за кој има сомневање дека недолично се однесувал со малолетна ученичка во истото училиште, а за кое СВР Струмица поднесе кривична пријава поради сомнение за полов напад врз дете.
Костадинов потенцира дека секое злодело врз дете мора да се казни, но и луѓето на раководни позиции треба да понесат одговорност за кривичното дело на вработените.
-Без двоумење, а со силна желба за ред, дисциплина и одговорност додека сум јас градоначалник, денеска го потпишав решението за разрешување на директорот во училиштето. Ова нека биде опомена за сите. Најстроги казни за сторителите на кривични дела и разрешување на нивните раководители, објави струмичкиот градоначалник.
Според струмичкото обвинителство, осомничениот, наставник во основно училиште во струмичко, во периодот од октомври 2020 година до мај 2022 година, преку социјална мрежа испраќал пораки со експлицитна сексуална содржина на ученичка која немала наполнето 14 години. Искористувајќи прилика кога останале сами во спортската сала на училиштето, тој во два наврати извршил и други полови дејствија, допирајќи ја и бакнувајќи ја оштетената.