Костадинов и СДСМ со контраставови за родовата еднаквост

од Nikola Popovski
158 прегледи

Градоначалникот на Струмица и член на СДСМ, Костадин Костадинов преку статус на Фејсбук објави дека неговата партија се откажала од родовата еднаквост и сподели најава за осмомартовскиот женски марш во Струмица. Според него, СДСМ го менува пристапот и жената ја става на прво место, а го трга родот и родовите политики.

„СДСМ го менува пристапот! СДСМ покажа слух за оправданиот револт на сите нас. Жената мора да биде ставена на прво место, родот тргнат! Останува сега на оние кои хараа и жигосуваа луѓе, држеа прес конференции за тоа колку биле против родови идеологии, а денес допрецизираат закони во кои брутално ја афирмираат родовата идеологија која цел свет ја оттргнува. Срамота, за ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Костадинов.

Неколку часа по објавата на Костадинов, без да го посочи конкретниот повод, СДСМ преку официјалната фејсбук-страница појасни дека индивидуалните ставови не се официјални позиции на партијата. Сепак, не го објавија конкретно името на струмичкиот градоначалник.

-Во духот на социјалдемократијата е да се гради праведно и инклузивно општество. Тоа може да се постигне само преку адресирање на општествените и економските нееднаквости. Само така можат да се надминат стереотипите и на сите граѓани да им се овозможи еднаков пристап до можности и ресурси. Борбата за родова еднаквост на СДСМ во нашето општество многупати е докажана. СДСМ останува посветен на своите основни вредности. Официјалните партиски ставови ги градат членовите на седници на соодветните партиски тела и органи преку дебата. Индивидуалните ставови градени на други места не се ставови на партијата, соопштија од „Бихаќка“ чиј дел од активностите се и борбата за родова еднаквост.

Костадинов е еден од ретките членови на СДСМ кој стана познат по својот активизам против, како што вели, „родовата идеологија“.

Тој во јуни 2023 година влезе во конфликт со невладините организации кои го прозиваа поради неговите религиозни сфаќања. Реагираше на нападите упатени кон него поради поддршката што ја даде за трибините и јавната дебата поврзани со законите за родова еднаквост и за матична евиденција, тогаш организирани од Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА.

Слични содржини