Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов ги отфрла во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица. Вели дека проектот од стратешко значење за општина Струмица од кој, денес во пракса сите жители на општината имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, процедурално е инициран од Општината, изгласан на Советот на Општина Струмица, со јасни насоки за формирање Јавно Сообраќајно Претпријатие, спроведување на јавна набавка за автобуси и имплементација на проектот.
-Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои што постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект кој денес беспрекорно функционира во пракса, порача Костадинов.
-Политички коментар не би сакал да давам, додаде екс-градоначалникот.
Струмичката полиција поднесе кривична пријава против доскорешниот градоначалник на Струмица и уште пет други лица поради злоупотреба на постапката за јавна набавка на 10 електрични автобуси во вкупна вредност од 6,9 милиони евра.
Во пријавата се наведува дека во својство на градоначалник, Костадинов ги пречекорил правилата на постапката за јавна набавка на автобуси за потребата на ЈСП „Струмица-Транспорт“ и го ангажирал Г.П. како одговорен за технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементација и реализација на договорот, иако не ги поседувал потребните квалификации и потребната А-лиценца за надзор од областа на електротехника која ја издава Комората за овластени архитекти и овластени инженери.
Кривична против екс-градоначалникот Костадинов за набавката на електрични автобуси во Струмица