Костадинов му ја честиташе победата на Јанков од ВМРО-ДПМНЕ и изрази благодарност до членството на СДСМ за досегашната доверба

-Токму вашата доверба ме направи да бидам политичар кој нема изгубено избори, стои во објавата на Костадинов, упатено до членството на СДСМ

од Nikola Popovski
154 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Костадин Костадинов

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов му ја честиташе победата на идниот градоначалник на Струмица, Петар Јанков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-Посакувам да има успешен мандат, многу храброст и мудри одлуки кои ќе придонесат за развој и континуитет на нашата Струмица. Искрено сум благодарен на сите мои сограѓани кои во изминатите години ми ја давале својата поддршка во сите изборни циклуси во кои директно сум учествувал и победувал. Вашата верба и доверба ќе останат мој поттик и водилка низ животот, мотив да одам напред и никогаш да не застанам.

Благодарам и на членството на СДСМ, на сите мои искрени другари со кои сме биле и мора да бидеме рамо до рамо и понатаму! Токму вашата доверба ме направи да бидам политичар кој нема изгубено избори, стои во објавата на Костадинов.

ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во над 30 општини во првиот круг. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека добиле градоначалници во општини што досега биле под власт на СДСМ како што е Струмица.

Костадинов не доби поддршка од матичната партија за да трча по нов мандат. СДСМ одлучи да оди со претседателот на општинската организација на партијата во Струмица, Марјан Даскаловски.