Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов се огласи на социјалните мрежи откако, како што вели, новинарот Драган Павловиќ-Латас упатил критики кон членови на неговото семејство. Најави дека „цела фамилија Костадинови го чека“ за зборовите кон неговиот покоен татко.
„Да кажеш дека татко ми „ја искоцкал куќата“ и со тоа да го ставиш на маса за потсмев тоа не е хумор. Тоа не е критика. Тоа е отворен воен акт кон моето семејство. А кога ќе удриш по мртов човек – знаејќи дека не може да ти одговори – тогаш ќе одговараш на живите. На нас. На мене. На моите. На сите што ќе се родат со нашето презиме“, стои меѓу другото во пораката на Костадинов.
Костадинов најави и „освета“.
„Ова ќе го носиш на врат цел живот. И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата… Клетвата си ја заработи. Осветата ќе си ја добиеш. Секој што ќе го носи моето име – ќе знае што направи ти. А и ти ќе знаеш: го направи на погрешни луѓе“, порачува градоначалникот на Струмица.
Со реакција се јавија од владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Најостро го осудуваат, како што велат, овој говор на омраза од страна на Костадинов врз Латас и бараат итна разрешница.
„Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев, оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега се заканува на новинари дека ќе се осветува на свој начин. Матрицата на СДС е таа и нема менување. Позади ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев. Ова се правите лица на соработниците на Заев и Филипче. Повикуваат на убиства на новинари, ова го нема никаде. Партијата чиј член и градоначалник е Костадинов, молчи и не се оградува од коментарите на Костадинов“, стои во сооопштението од партијата на Христијан Мицкоски.