Костадинов не исклучува да трча како независен кандидат во битката за нов мандат

од Nikola Popovski
31 прегледи

Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов не ја исклучува можност да трча како независен кандидат на престојните локалните избори, откако не доби поддршка од СДСМ за нов мандат. Вели дека во текот на денот добил многу прашања и пораки од пријатели.

„Мојот одговор е: Да, можно е, но оваа одлука не е конечна ова е мисла во зачеток. Но ова не е одлука за слава, туку одговорност пред сите вас. Затоа сега е време за многу трпение, мудрост и длабоко размислување. Не сакам со ништо да им наштетам на моите другари – на луѓето со кои го делев и доброто и тешкото. Но не можам да молчам пред оваа енергија што ја чувствувам од граѓаните“, посочува Костадинов и додава дека веќе разговарал со граѓански здруженија, партии и, како што вели, со чесни социјалдемократи и квалитетни луѓе кои тешко дека ќе се најдат на новите советнички советнички листи.

„Да, сѐ е возможно. Но потребно ми е време. Одлуката ќе ја соопштам јавно, за неколку недели – и таа ќе биде остра, конечна и целисходна. Зашто кога одговараш пред народот, мораш да бидеш подготвен не само да победиш, туку и да ја носиш победата со чест“, порача попладнево градоначалникот.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера информира дека партијата нема да го поддржи Костадинов туку ќе влезе во битката за градоначалничката функција во Струмица со претседателот на општинската организација на СДСМ Струмица, Марјан Даскаловски.